Милевски: Општинските организации на ЛДП подготвуваат програма за локалните избори и бараат отворени листи за советници
Детектирање на локалните проблеми, создавање на иновативни решенија, креирање на програма за локалните избори и отворени листи за советници за 2021 година, беа главните теми на он-лајн конференцијата на ЛДП, насловена како „Дигитално либерално-демократско општинско вмрежување“.
На настанот земаа учество членови на општинските организации на ЛДП од Битола, Скопје, Гевгелија, Велес, Ресен, Струмица и Куманово на кој свои обраќања имаа претседателот на партијата Горан Милевски, како и потпретседателките Моника Зајкова, Јулиана Николова, потпретседателите Игор Вељановски и Зоран Шапуриќ.
– Горд сум на нашите членови кои земаа активно учество на дигиталното општинско вмрежување, преку кое подготвуваме програма една година пред одржување на локалните избори. Ние, бараме отворени листи, граѓаните сами да одлучат кои ќе бидат нивните претставници во советите на општините. Еден таков пример е Босна и Херцеговина каде изборот на советници се врши на таков начин. Дефинитивно, советниците треба да се одбираат од граѓаните а со тоа советите ќе добијат на квалитет, демократски ќе се дискутира и одлучува а со тоа советниците ќе имаат поголема одговорност кон нивните избирачи. Апелирам на локалните избори да ги отвориме листите за избор на советници за да имаме силни општини за силна Македонија, истакна претседателот на ЛДП, Горан Милевски.
Настанот беше во организација на Либералниот институт Скопје, кој активно работи на дигитални обуки и конференции со членовите на ЛДП.
– Организацијата и спроведување на дигитални обуки и конференции е од големо значење како нас за Институт затоа што со тоа ги зајакнуваме капацитетите на Либерално-демократската партија. Овој дигитален настан е само најава за конференциите кој следат со останатите градови кои ќе бидат вмрежани он-лајн согласно протоколите за Ковид-19, додаде директорката на Либералниот институт Скопје, Санда Крекиќ.
Од Институтот најавуваат дека ќе има уште три последователни конференции и за останатите градови низ државава.