Еко-Свест: Македонија својата енергетска алтернатива треба да ја гледа во сонцето и ветерот
Eнергетската транзиција, пред се замената на цврстите горива со обновливи извори на енергија е веќе во тек, затоа што некои ресурси како јагленот имаат и свој рок на траење, уште 10-тина години, а со тоа е планирано е затворање електраните кои што ги имаме во земјава. Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ претходната година изработи Стратегија за развој на енергетиката која што се однесува за период до 2030 година која беше усвоена од страна на Владата, каде што се анализирани сценарија за развојот на енергетскиот сектор во Северна Македонија.
– Секоја држава има свој удел во вкупниот удел на стакленички гасови кои што се моментално во атмосферата и мора да направиме нешто за да ги ограничиме и да ги задржиме и да се обидеме да ги намалиме, на пример со најновите национални придонеси кон климатски промени, ние како земја ветуваме дека со мерки и со инструменти ќе се обидеме до 2030 година да ги намалиме за 51 проценти. Тоа во голема мерка значи напуштање на старите системи и употреба на нови еколошки, алтернативни извори на енергија, велат од Еко-Свест.
Според анализите алтернатива како да се замени производниот капацитет на енергија, а пополека да се прекине употребата на цврсти фосилни горива е да се изградат околу 1400 мега вати соларни електрани, некаде околу 750 мега вати ветерни електрани. Сепак за целото тоа да може да функционира бидејќи сепак е сложен енергетскиот систем и станува збор за варијабилни извори на енергија кои во еден час произведуваат, во друг час не произведуваат енергија потребно е да имаме балансирање на системот, односно да можат во часовите кога нема производство од нив да може некој друг енергенс да ги надополни од други извори за крајната цел да имаме производство на електрична енергија за сигурно и стабилно снабдување до крајните потрошувачи.
Еко-Свест работи на забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени преку проектот „Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија” финансиски подржан од CEE Bankwatch Network, како и во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европска Унија.