Зајкова: Само преку една изборна единица можеме да обезбедиме еднаква и рамноправна застапеност на гласот на секој граѓанин во државата
Потпретседателката на ЛДП, Моника Зајкова од собраниската говорница порача дека клучот за промена е кај политичките партии.
„Несомнено е дека на оваа дебата доминира ставот ЗА промена на изборниот модел. Но, блокадата на законските предлози за воведување една изборна единица и отворени листи, уште еднаш потврдува дека клучот за промена е кај политичките партии. Затоа сите политички партии, треба искрено да си одговориме на едно прашање: Дали сакаме да ја унапредуваме демократијата во државата, да ставиме крај на партизацијата и да ги отвориме вратите за квалитетот, за различноста, за еднаквоста? Откако сите ќе одговориме искрено на овие прашања, одговорот на прашањето дали на нашата држава и e потребна промена на изборниот модел ќе дојде сам по себе“, рече Зајкова.
Таа рече дека неопходна е демократизација на институциите, демократизација на системот и дека тоа може да се постигне само доколку од корен се решаваат проблемите.
„Сите сме свесни дека актуелниот изборен модел има низа недостатоци и не дава можност за развој на вистинскиот плурализам. Можеби во јавноста ќе се стекне впечатокот дека промената на изборниот модел, односно промовирањето на една изборна единица е проект кој го туркаат и им одговара, условно кажано, на помалите политички партии затоа што моделот со шет изборни единици фаворизира две најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но основата на оваа иницијатива не е судбината на помалите партии, туку судбината на државата. Досегашното искуство покажува дека доминацијата на двете најголеми партии во парламентот не обезбедува вистинска контрола на извршната власт. Како држава изминатите години, се соочувавме со ситуација во која немаше никаква контрола од страна на парламентот врз извршната власт, туку истиот само ги минуваше одлуките кои ги носи Владата. Тоа може да се смени само ако во парламентот и де факто се имплементира плурализмот. Доколку во Собранието на Република Северна Македонија самостојно и автентично влезат повеќе партии, преку кои ќе се промовира независноста на пратениците на вистински начин, имаме гаранција дека тие самостојно и независно ќе одлучуваат. Само на тој начин ќе има вистински принцип на check and balance, односно принцип на реална контрола“, додаде Зајкова.
Таа додава дека само преку една изборна единица можеме да обезбедиме еднаква и рамноправна застапеност на гласот на секој граѓанин во државата.
„Изминативе години на секои парламентарни избори меѓу 50 и 100 илјади гласови одат во ветер, а ставовите на исто толку избирачи не се соодветно претставени. За мене поразителен е податокот дека на секои избори 100 илјади граѓани остануваат без свој легитимен претставник во парламентот.
Тоа е сериозен дефект на актуелниот изборен модел. Предлогот за измени на Изборниот законик, кој се однесува на воведување на една изборна единица без цензус, со природен праг гарантира дека сите граѓани и интересни групи соодветно ќе бидат репрезентирани во законодавниот дом. Некои идеологии можеби нам нема да ни се допаѓаат, можеби ќе бидат порадикални или по либерални, меѓутоа ако имаат поддршка кај граѓаните, тие треба да бидат во Парламентот и да ги бранат ставовите на оние коишто ги гласале. Демократизацијата на едно општество е можна само доколку им дадеме шанса на слободумните граѓани во оваа држава. На оние што ги следат своите принципи и интересите на граѓаните независно дали тие се против позициите на нивниот партиски лидер. Да им дадеме шанса и на отворените листи, преку кои граѓаните ќе ги бираат своите претставници, а не партискиот шеф да ги бира оние што верно го слушаат.
Нам ни треба прогресивна мисла, напредна идеја, а истата на површина може да излезе само доколку граѓанинот преку отворените листи сам го избере оној кој ќе го претставува. Во текот на дебатите на оваа тема слушнав аргументација од типот дека македонските граѓани нема да знаат како да гласаат на отворени листи. Ве повикувам да не ги потценуваме граѓаните на оваа држава. Тие и те како добро знаат да изберат што е најдобро за нив и многу лесно ќе го прифатат овој начин на гласање.
Пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се понудени две законски решенија. Едното е наместо шест државата да биде поделена на една изборна единица. Другото е моделот на отворени листи кој би се применувал од следните локални избори и еднаква застапеност на жените и мажите.
Како претставник од ЛДП, но и како млад човек ве повикувам сериозно да размислиме за понудените опции, кои можат само да ја унапредат демократијата во државата. А мораме да признаеме дека тоа ни е неопходно и е од суштинско значење и за иднината на државата. Изминатиов период сите претставници на политичките партии се согласуваме по едно прашање:
дека треба да сториме се да ги задржиме младите, тука да ја гледаат својата иднина.
Како млад човек ве уверувам дека тоа е возможно само ако им понудиме повисок степен на демократија и поголеми можности за избор. Ако им понудиме можност во парламентот, во советите, да бидат претставени преку луѓе, кои самите ги избрале, да ги застапуваат нивните интереси на вистинскиот начин.
Токму низ ова треба да ја гледаме суштината на промената на изборниот модел. Се надевам дека набрзо и политичките партии и пратениците, што се спротивставија на овој предлог-закон со илјадници амандмани, ќе го сфатат тоа и ќе ја прифатат реалноста дека ни се неопходни различни мислења, дека ни е неопходна демократизација, која најефикасно и најбезбелно може да се спроведе преку промена на изборниот модел. Би сакала да им препорачам на истите овие пратеници да не се плашат од овој изборен модел, бидејќи секој кој е квалитетен ќе биде избран од граѓаните, но со оваа промена на подемократски начин, а со тоа и пратеничкиот мандат ќе има поголема тежина. Убедена сум дека штом ја отворивме темата за Изборен модел преку една изборна единица и отворени листи, тој модел набрзо ќе стане реалност.
Политичките партии коишто се противат на овој предлог, многу брзо ќе се почувствуваат осамени и ќе сфатат дека не можат и не смеат да ги кочат промените. Изборниот модел со една изборна единица и отворени листи е реалност и прашање на време е кога ќе биде целосно прифатен и имплементиран. За крај повторно апелирам да се усвојат овие измени. Спротивно можеби е потребно да се размисли да се одложат изборите или единствено како компромис да се прифати моделот со отворени листи со гаранција да започне да се спроведува од наредните локални избори“, рече од собраниската говорница Потпретседателката на ЛДП, Моника Зајкова.