Oстајте да помини фичото, не се туркајте, држете растојание
Идејата и целта на уметничката акција е на креативен начин да ги предупреди граѓаните од неопходноста да се одржува физичко растојание и на тој начин да придонесе кон почитување на оваа мерка која е најефективното средство во борбата со епидемијата од КОВИД-19.
Акцијата својата инспирација ја црпи од анегдота од веселите периоди на 70-тите и 80-тите години, кога што и да се правело/градело/поставувало, требало да се остави доволно простор колку да може да помине фичо. Случајно или не просторот потребен за да помине едно фичо е околу 2 метра, што всушност е и препорачаното растојание за спречување на ширењето на КОВИД-19.
Оваа акција е првенствено наменета за постарите генерации коишто се најосетливи на вирусот, а сепак многу често забораваат да го почитуваат препорачаното растојание од 2 метри. Се надеваме дека жолтите фичовци ќе ги потсетат битолчани посовесно да одржуваат растојание, барем онолку колку да помине фичо меѓу нив.
Покрај силуетите од фичовците, во рамки на акцијата се направени и поголеми количини налепници кои потсетуваат на потребата за одржување растојание, како и на генералните препораки за заштита од КОВИД-19.