И по повеќе од месец дена анализи, се уште нема конкретно решение за проблемот со екстра лесното гориво

Наместо јасна и конкретна мерка за сузбивање на долгогодишните злоупотреби со екстра лесното гориво, државата повеќе од еден месец прави анализи и одолговлекува, а очигледно под притисок на оние кои вршат злоупотреби на крајот и нема да се преземе ништо.

По предлогот на Стопанската комора за изедначување на акцизата на екстра лесното и дизелот како една од антикризните мерки за справување со последиците од корона кризата во април годинава Министерството за финансии најави дека се прават анализи по што ќе се преземат соодветни мерки.

Но вонредната состојба наскоро ќе заврши, а анализата на Министерството за финансии се уште не е објавена.

Која е целта и зошто се правеше анализата воопшто, ако вонредната состојба заврши и овие уредби не може да се донесат?

Нејасно е зошто минатата недела Министерството за финансии најави дека анализата е готово и ќе биде јавно објавена, а вчера министерката Нина Ангеловска рече дека се уште се чекаат некои делови од Царинската управа.

Зошто ваква нетранспарентност и одолговлекување, кога за злоупотребите со екстра лесното гориво алармираше и првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, според кого изедначувањето на акцизата на екстралесното гориво со дизелот ќе биде од корист на сите, имајќи во предвид дека со злоупотребата на екстралесното гориво некаде во Буџетот на државата недостасуваат околу 30 милиони евра.

Дополнително, наместо јасна и едноставна мерка со која ќе се спречат злоупотреби, министерката на вчерашната прес-конференција рече дека само се разгледува сет од три мерки и изедначување на квалитетот на екстралесното со тој на дизелот.

Со тоа не се решава досегашниот проблем со злоупотребите на „црвената нафта“ како погонско гориво и тој само ќе прерасне во уште поголем. Ќе имаме едно гориво со различна акциза и цена, а дополнително нема да се знае кој кое гориво ќе го користи.

Екстралесното гориво моментално е поветино од дизелот за околу 11 денари, но освен разлика во акцизата и цената тие се разликуваат и во техничките карактеристики кои се однесуваат на нивната чистота и согорување. Екстра лесното гориво содржи 100 пати повеќе сулфур на еден литар гориво, поради што и загадува 100 пати повеќе од дизелот.

Наместо решение за злоупотребите, министерството најавува изедначување на квалитетот што не постои никаде во светот и со тоа само отвора дополнителни прашања на кои одговор треба да даде анализата врз чии резултати се носат ваквите решенија. Но, анализата не се објавува и тоа го отвора прашањето чии интереси застапува државата?

Статистиката покажува дека годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од 5 милиони литри. Според податоците на Државниот завод за статистика само во првите три месеци од годинава се увезени вкупно 15 илјади тони екстра лесно гориво.

You might also like