Влахов: Студентите преку конференции носат „свеж воздух“ во студентските програми
За идејата, потребата, можностите и темите на Студентската конференција за глобални климатски промени разговаравме со претседателот на Студентскиот парламент на Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, Јане Влахов.
Од каде идејата за Студентска Конференција за глобални климатски промени?
Јане Влахов: Идејата за студентски конференции не е нова, впрочен на УКИМ има различни конференции. За прв пат на УКИМ, студентите од различни факултети се обединуваат се со цел да направат нешто заедничко за себе и за останатите колеги. Гледано од аспект на темите, избрани се оние што поврзуваат повеќе науки.
Ние како студенти честопати сме се сретнале со одредени теми коишто не интересираат и би сакале да дознаеме повеќе за нив, а не биле толку темелно истражени во одреден предмет итн. Па така, со овие конференции им се дава можност на студентите да истражуваат, да читаат и пишуваат за нешто што нив ги интересира, за нешто што ќе им го подобри познавањето во одредена област од нивната струка. Но не само тоа, се учиме на методологијата на пишување на трудови и истражување. Сметаме дека со овие конференции ќе го подигнеме нивото на студирањето, ќе донесеме “свеж воздух“ во студентските програми. Целта ни е да ги разбудиме нашите колеги, да истражуваат повеќе за нештата коишто ги интересираат, да ја разбиеме монотонијата на студирањето и да покажеме дека ние студентите сме креативни, иновативни и квалитетни во нашите области на студирање.
Зошто се организира конференцијата?
Јане Влахов: Главната цел на Студентската конференција за глобални климатски промени е подигањето на свеста во општеството за влијанието на климатските промени врз флората и фауната, особено кај студентите кои како идни ветеринарни доктори, земјоделски и шумарски инженери ќе треба да изнајдат решенија за бројните проблеми со коишто се соочува модерниот свет. Ќе им се овозможи на студентите преку научно-истражувачка дејност да работат на проекти, можност за соработка помеѓу студентите, истакнатите професори и компаниите од областа. Покрај размената на искуства и знаење, се остваруваат контакти за идна соработка и полесно напредување во струката.
Кои теми ќе бидат вклучени во конференцијата и кој може да се пријави?
Јане Влахов: Во рамки на конференцијата се предвидени неколку научни области, пред се влијанието на климатските промени врз животните, потоа влијанието на климатските промени врз земјоделството, врз флората и фауната.
Како учесници може да се студентите на додипломски, постдипломски и докторски студии од сите Универзитети во Р.С.Македонија, претставници од академската средина и компании чија дејност е поврзана со темите на конференцијата.
Презентираните односно објавените трудови ќе бидат рецензирани од страна на Научен одбор, во однос на анализата и корекциите на трудовите, може да бидат организирани консултации. За трудовите што ќе бидат изработени според официјалното упатство, навремено испратени и прифатени од страна на Научен одбор, ќе бидат објавени во официјалниот Зборник на трудови на конференцијата.