Бектеши: Нема да оставиме кризата да биде на товар на граѓаните
Нема да оставиме енергетската криза да биде на товар на граѓаните. Од 1 јануари, пониски цени на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, напиша на својот Фејсбук профил министерот за економија Крешник Бектеши, откако Регулаторната комисија за енергетика денеска ги објави новите цени на електрична енергија кои ќе важат од 1 јануари следната година.
Како што напиша министерот Бектеши , согласно одлуката на регулаторната комисија кај домаќинствата цената на електрична енергија за првиот блок се намалува за 4,11%, за вториот блок, се намалува за 2,95%, цената на третиот блок се зголемува за 0,85%, за четвртиот блок цената на електричната енергија се зголемува за 7,65%.
„Вкупно 99,2% од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија“ напиша Бектеши.
Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи, од 01.01 се намалува за 20,15%, а оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата.
„Со овие одлуки цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66%. Цената за дистрибуција се намалува за 19,54%“ напиша министерот на својот Фејсбук профил.