„Бидете херои на чесноста“ во Кочани и Штип: децата уште од мали треба да ги научат принципите на чесност, праведност и одговорност

Борбата против корупцијата е важен дел од градењето подобро општество за идните генерации. Децата, како идни лидери и граѓани на утрешниот свет, имаат важна улога во оваа борба. За почеток, важно е децата да разберат што е корупција и кои се нејзините последици за општеството- од малото секојдневно поткупување до големите корупциски скандали кои ги засегаат цели општества.

Препознавајќи ја важноста за тоа, ООУ „Никола Карев“ од Кочани и ООУ „Гоце Делчев“ од Штип, се вклучија во едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“, предводена од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Оваа кампања е дел од Активност за антикорупција и интегритет, проект што го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка од УСАИД.

Нагласувајќи го значењето на кампањата, директоркторот на ООУ „Никола Карев” од Кочани, Александар Андов истакна дека децата треба да разберат дека корупцијата ги ограничува нивните права и му штети на развојот на нивните заедници.


-Образованието игра клучна улога во оваа борба. Со вклучување на учениците во дискусии, игри и активности за учење, можеме да им помогнеме да развијат критичко размислување и етички вредности. Децата уште од мали треба да ги научат принципите на чесност, праведност и одговорност, рече Андов.

Директорот на ООУ „Гоце Делчев” од Штип, пак Зоран Митев истакна дека нивната главна цел како образовна институција, покрај стекнувањето знаење, е и нивните ученици да научат вештини кои ќе ги оформат во лица кои ќе носат суштински општествени промени.

-Воспитувањето на децата во духот на чесноста, правдата и етичките вредности е начин да се спречи корупцијата уште од рана возраст. Образованието игра клучна улога во овој процес. Од суштинско значење се програмите кои ги поттикнуваат децата да разберат што е корупција, кои се нејзините последици и како да бидат активни граѓани, вели тој.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, осврнувајќи се на нивното дејствување, посочи дека е важно децата да развијат вештини како што се критичко размислување, емпатија и способност да препознаваат незаконски или неетички постапки за во иднина да можат да застанат зад своите права и правата на другите.

-Дополнително, важно е да се поттикне отворена дискусија за случаите на корупција во општеството и да се нагласи важноста од пријавување на неправилности. Ова вклучува охрабрување на децата да контактираат со нивните родители, наставници или властите во случаи на согледана корупција. Децата треба да бидат инспирирани да се вклучат во нивната заедница, да станат активни учесници во антикорупциските активности. Тие можат да учествуваат во кампањи за подигање на свеста, да организираат и поддржуваат иницијативи за промени и да покажат примери на чесно и одговорно однесување, додаде Ивановска.


Кампањата има за цел одблиску да им се прикажат на децата негативните влијанија од коруптивните потфати и штетите кои ги предизвикуваат. Исто така, целта е тие, како поединци да имаат нулта толеранција кон луѓето кои подведуваат на корупција, а со тоа и да ги охрабрат да пријавуваат какво било коруптивно дејство.

Од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје ја потенцираа дека секој граѓанин има законска и морална обврска да се бори против корупцијата. Ова значи не само препознавање на корупцијата и воздржување од коруптивни дејствија, туку и пријавување случаи на корупција.

-Борбата против корупцијата бара напори на целото општество, вклучително и учество на децата. Обучувајќи ги да ја препознаат, осудат и дејствуваат против корупцијата, тие можат да бидат важни чинители на промените и да помогнат во градењето поправедно општество за идните генерации, истакнаа од ИФЕС.

За успешноста на кампањата се грижат и актерите Игор Ангелов и Фисник Зекри, кои на начин близок до учениците ги презентираат лошите страни на корупцијата и добрите страни на одговорноста и чесноста. За сценариото е задолжена Елеонора Венинова, која на вешт начин на дечињата им ја спојува забавата и едукацијата.

You might also like