Битиќи: Реформите за децентрализација и развој на локалната самоуправа ќе продолжат, од нив зависи рамномерниот регионален развој и добрите услуги кои граѓаните ги заслужуваат

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на отворање на годишната конференција на Министерството за локална самоуправа и УНДП, за децентрализација и локално управување, која годинава е на тема „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“.

Во продолжение ви го праќаме неговото интегрално обраќање.

„Благодарам за можноста да зборувам на годинешната конференција посветена на процесот на децентрализација и локална самоуправа и во името на Владата им благодарам на Швајцарија и на Програмата за развој на Обединетите нации за нивните напори преку разни проекти да се обезбеди одржлив економски развој во Република Северна Македонија.

Децентрализацијата овозможува зајакнување на локалните заедници, нивен развој и демократизација, токму поради тоа сме посветени на овој процес како еден од важните реформски процеси кои се потребни за забрзан развој, но и рамномерен и праведен развој кој ќе одговара на потребите на граѓаните.

Во тек се неколку големи процеси кои е важно да се случуваат паралелно. Годинава, во јули, ги почнавме преговорите со Европската Унија. Очекуваме преговорите да придонесат кон усогласување на системот на локална самоуправа со критериумите и стандардите на ЕУ. Земајќи го предвид овој факт, наредната 2023 година, планираме целосно да го оцениме системот на локалната самоуправа и во контекст на европските интеграции, резултатите од спроведувањето на процесот на децентрализација ќе продолжат да бидат оценувани како политички критериум за членство.

Затоа потенцирам дека наредниот период е исклучително значаен за спроведување на пообемни подготовки за интегрирање на нашите општини во административниот простор на ЕУ.

Во меѓувреме, кризите низ кои поминуваме јасно ја истакнуваат потребата од соработка на сите нивоа, како и подготвеност за спроведување на ефикасни мерки и посветеност за спроведување на енергетската транзиција.

Имаме целосно разбирање за ставот на општините да прифатат нови надлежности, но под услов да се оствари висок степен на автономија во нивното спроведување. Токму затоа сметаме дека фокусот на децентрализацијата на краток рок треба да биде ставен на зајакнување на општините преку подобрување на рамката за финансирање и зголемување на нивните надлежности, овозможувајќи висок степен на автономија, без притоа тој никако да не биде на штета на граѓаните, туку во нивна полза, овозможувајќи исполнување на нивните основни права и не создавајќи потешкотии во нивниот секојдневен живот. Туку, напротив, олеснувајќи им го животот на граѓаните, бидејќи општините, како и сите други јавни институции се сервис на и за граѓаните.

Цврсто верувам дека само системскиот пристап носи одржливи решенија, а таков е и пристапот кој го имаме кон унапредување на системот на локалната самоуправа.

Во август, оваа година, од страна на Собранието на Република Северна Македонија беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Со него е предвидено постепено зголемување на процентот на приходите од данокот на личен доход од 3% на 6% во периодот 2022 – 2025 година. Потоа, постепено зголемување на приходите од ДДВ од 4,5% на 6% во истиот преоден период.

Овие мерки се надополнување на мерките за засилено финансирање на приоритетни проекти на помалите и претежно рурални општини преку програмите за рамномерен регионален и рурален развој. Со тоа на општините ќе имаат пристап до повеќе финансиски средства за спроведување на повеќе проекти на општинско, локално и регионално на ниво на региони за да ја подобруваме целосната инфраструктура во секое населено место.

Дополнително, само преку пет поголеми проекти, меѓу кои и „Проектот за поврзување на локалните патишта“, инвестирани се над 250 милиони евра во општините. Со ТАВ програмата се реализираат 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра. Овие проекти се реализираат со одлична динамика. За само една година имаме реализација на 80% на започнатите проекти, а останатите ќе бидат реализирани во предвидениот рок до крај на 2023 година.

Со проектот „ЕУ за општините” во надлежност на Министерството за локална самоуправа, во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и Градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра.

Би сакал да нагласам и дека е задржан трендот на зголемување на вкупните приходи на општините. Од 30.1 милијарда денари во 2015 година, вкупните приходи на општините се зголемени на близу 40 милијарди денари во 2021 година. Сопствените приходи се зголемени од 12.3 милијарди денари во 2015 година на близу 17 милијарди денари во 2021 година.

Остануваме посветени на одржување на овој позитивен тренд и во наредниот период со цел да резултираат со суштински позитивни промени во функционирањето на општините со цел тие да се ослободат од наталожени долгови и да испорачуваат квалитетни услуги на граѓаните.

Покрај зголемувањето на фискалните трансфери кон општините, Владата е посветена и на изнаоѓање на дополнителни средства за капитални инвестиции.

Како неодамнешното потпишување на договорот со Европската инвестициска банка, за заем од 50 милиони евра наменети за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во општините. На овој начин ќе се обезбеди инфраструктура која е значајна за подобрување на животот на граѓаните на сите општини во државата.

Би сакал да го повторам апелот на Владата до општините, да продолжат со изработка на квалитетни проекти и да аплицираат за овие средства. Истовремено, би апелирал да се насочи особено внимание кон реализација на покрупни капитални инвестиции врз основа на одобрени заеми и склучени договори со меѓународни финансиски институции. Тука би сакал да се осврнам пред сѐ на потребата да се искористат средствата во висина од 70 милиони евра за новиот градски превоз во Град Скопје, за две автобуски линии од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Кисела Вода до Бутел, проект кој зависи од одлуките на градските власти, како и мега проектот за изградба на пречистителната станица во Градот Скопје, за кој низ комплексни преговори е направена финансиска конструкција со учество на низа меѓународни партнери. Во прв ред тоа е Европската Унија и нејзините финансиски институции.

За сето ова и многу повеќе очекуваме и проактивно учество и вложување и од страна на општините. Оптимизирање на сопствените извори на приходи и менаџирање на обврските, како и безрезервно приклучување кон мерките за заштеда на електрична енергија во јавниот сектор. Нашата визија е континуирано подобрување на функционалноста на општините од сите аспекти со долгорочна цел да се создадат силни единици на локалната самоуправа кои одржливо се развиваат и испорачуваат квалитетни услуги за секој еден граѓанин на нашата татковина.“

You might also like