Деловски: Болдерот во Битола е наменет за љубителите на авантуристички спортови
Битола, викендов и официјално го доби првиот болдер – ѕид за качување со трибина која дава мултифункционалност на објектот кој ќе се користи и за спортски и за уметнички дејности и е лоциран во долниот дел на градскиот парк.
Дизајниран да ги инспирира и предизвика и сегашните и идните ентузијасти за болдеринг, а е неколкугодишна заложба на неколку битолчани кои ја споија страста кон болдерингот, со посветеност и визија на архитектонско-градежниот тим за покренување на свеста какви објекти и содржини ни се потребни во јавните простори.
„Целта со овој проект ни беше да потенцираме дека лулашки, тобогани и по некое испуштено јаже, не се „авантуристички“ парк за деца. На децата им е потребна ангажирана забава, дури потоа спорт и на крај врвен спорт. Целта на болдерот е да придонесе во афирмација на спортското качување, како и да го зголеми интересот на специфични целни групи на деца и млади, на граѓански сектор и љубители на авантуристички спортови и алтернативна култура за ваков тип на спорт, активизам и забава. Всушност болдерот е еден наш коментар за тоа какви содржини и градби ни се потребни во иднина„-истакна Влатко Деловски од СКК Вертикал кој е и носител на проектот.
Сепак, овој објект не е само рај за љубителите на болдерингот. Задниот дел на болдерот е иновативно трансформиран во површина за седење, создавајќи перспективно простор за концерти и настани.
„Болдер трибината концепирана е да не служи само утилитарно со една функција – качување. Благодарение на нејзината контрадикторна геометрија, може да се перцепира како скулптурална инсталација во просторот. Едната страна е Low Poly (faceted), t.e. испрекршена, додека другата е ортогонална. Геометриската страна е наменета како надворешен болдер ѕид за качување на кој има неколку варијации на различни површини со одреден агол и најразлични фатишта. Од другата страна, т. е внатрешната, се појавува еден мал амфитеатар – трибина, за седење, одмарање, читање, театарска претстава, концерт итн. Овој дел е делумно покриен, т. е на највисоката точка има отвор кој служи како видиковец на околината, но и на луѓето кои ќе се качуваат од другата страна на болдерот„ – истакна Александар Јовановски, градежен инженер кој го водеше технички проектот тимот од проектирање до изведба и додаде дека архитектурата на оваа времена или стална инсталација е концепирана по модерните текови на сите европски метрополи со анимирање на јавните простори.
Редовна практика е вакви скулптурални болдери со модерен архитектонски дизајн да се поставуваат во современите забавни паркови низ западните земји. Архитект кој го потпишува проектот е Христијан Ивановски.
Болдерот е во функција, а на вчерашната официјална церемонија на откривање беше истакната благодарноста на Општина Битола која го добива овој објект, со финансиска подршка на Министерството за надворешни работи на Бугарија и Генералниот конзулат во Битола, а го имплементираше СКК Вертикал.