Документарецот „Енергетска транзиција. Единствена алтернатива за сигурна иднина“ премиерно денеска на МРТ1 во 13:20 часот
Каков е процесот и потребата од енергетската транзиција во земјава, како и алтернативите за граѓаните и институциите по однос на ова прашање денеска премиерно ќе има одговори во документарецот „Енергетска транзиција. Единствена алтернатива за сигурна иднина“ кој ќе се емитува од 13:20 часот на МРТ1.
– Во документарниот филм кој трае над 1 час, насловен како „Енергетска транзиција. Единствена алтернатива за сигурна иднина“ сакаме да ја презентираме моменталната реална состојба со процесот на енергетската транзиција во земјава. Прашавме експерти за потенцијалите кои нашата земја ги има во искористување на сончевата енергија, но најважно ни беше да го слушнеме гласот на локалните заедници во регионите со јаглен бидејќи сите планови за праведна транзиција на овие региони мора започнат токму од нивните размислувања за развој на овие региони. Токму нашите анализи покажаа дека можности за развој надвор од индустријата со јаглен има многу. Граѓаните да не стравуваат дека ќе останат без работа, напротив ќе имаат предизвик за нивните идни работни места кои ќе придонесат и за здрав живот но и ќе ги заживеат овие региони, порачуваат од Еко-свест.
Документарецот се снимаше на три локации низ земјава, Скопје, Битола и Кичево изминатите неколку месецо, во него говорат Александар Дединец од Македонска академија за науки и уметност, истражувачки центар за енергетика и одржлив развој, научен соработник, доктор по одржлив развој и енергетика, проф. д-р Драган Ѓорѓев – Институтот за јавно здравје, Александар Панајотов, активист Елена Николовска и Невена Смилевска од „Еко-свест“, проф. Драган Миновски од Електро-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Соња Ристеска – проектен референт за Југоисточна Европа во тинк тенк организацијата Агора (Agora Energiewende), проф. д-р Илија Насов, Претседател на соларната асоцијација на Македонија, директор на развојно истражувачкиот центар Плазма и претседател на основачи на Камел Солар. Исто така за Битола говорат Владо Атанасовски, директор на јавното претпријатие „Пазари“ Битола, Иван Чулакоски, граѓански активист и независен советник во советот на Општина Битола. Николче Николовски – претседател на национален одбор на Слоу Фуд и Пеце Цветковски – сопственик на вила Дихово и професор по физичко воспитување. Во Кичево се снимија говорниците Елена Ванчоска Секулоска – член на планинарското друштво „Ендорфин“, Горан Миловски, грнчар од село Вранештица, Раде Момировски, заложник за развој на село Белица и Горан Нестороски – локален туристички водич и заложник за развој на алтернативен туризам во Кичево. Како и младите Евгениј Хоуп, писател и авантурист, Елена Стојчевска, во улога на активистка, Теона Манго – блогерка и основач на брендот beyond green.mk, како и малата Надја Гапиќ.
Освен на МРТ1 документарецот ќе има он-лајн премиера на платформата Јутјуб на „Еко-свест“.
Документарниот филм за енергетска транзиција во земјава е дел од проектот „Промовирање на енергетската транзиција во С. Македонија“ подржан од CEE Bankwatch Network, но и во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ реализиран од Еко-свест, ЦНВП Македонија, ДЕМ, финансиран од Европска Унија.