Државата само констатира злоупотреба на екстра лесното гориво, без да донесе решение

Од секој литар екстра лесно гориво што се троши како дизел за транспорт државата губи повеќе од 12 денари, а во буџетот недостасуваат околу 30 милиони евра. Ова ги оштетува и граѓаните и животната средина, бидејќи неквалитетно гориво кое содржи стопати повеќе сулфур загадува 100 пати повеќе од дизелот.

Злоупотребите на екстра лесното гориво за транспорт се констатираат и во анализата на Министерството за финансии, што беше објавена по повеќе од еден месец, но решението на овој повеќегодишен проблем повторно извиси. Иако во анализата се предлагаат сет мерки за сузбивање на нелегалната трговија, носењето на мерки е тешко веројатно со завршена вонредна состојба и распуштено собрание.

Ваквата статус кво состојба оди во прилог на оние што прават злоупотреби, додека реалниот бизнис губи, а граѓаните очигледно нема да знаат какво гориво точат.

Во анализата на Царинската управа, се констатира тоа што со години се знае, дека големата разлика во цената која изнесува 12 денари за литар меѓу дизелот и екстра лесното гориво мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на законите, а одредени корисници да го користат спротивно на намената, како погонско гориво во моторните возила, механизациони машини, уреди и постројки што е забрането.

Ваквата анализа без носење конкретни мерки е разочарувачка и уште еднаш го потврдува сомнежот дека Министерството за финансии одработува за оние кои вршат злоупотреби со екстра лесното гориво.

Од внатрешниот промет, во анализата, се гледа дека расте трендот на увози и веднаш пуштање во промет, а се намалува трендот екстра лесното гориво да се пушта од акцизен склад.

Останува нејасно зошто министерството за финансии повеќе од еден месец велеше дека ја чека анализата за да може да преземе мерки, а откако беше завршена и јавно објавена како да се повлече без да донесе конктрени мерки.

Анализата покажува дека најголем дел од пазарот има компанијата Окта со удел од 84 проценти, која минатата година во промет пуштила околу 50 милиони екстра лесно гориво, од кои најголемиот дел го продава на останатите трговци на големо, а само три проценти директно на крајни корисници.

Најголеми купувачи на екстра лесно гориво се компаниите Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрехд со вкупен удел од околу 70 проценти.
Откако тука ќе се приклучат и количините кои се увезуваат од страна на останатите увозници, повторно во првата група на компани кои продаваат кон крајни корисници се Пуцко Петроол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 65 проценти.

You might also like