ФВМС: Ветеринарната професија атрактивна за идните студенти бидејќи е признаена во Европа
Пријавувањето за упис на Факултетот за ветеринарната медицина-Скопје трае денеска и утре 1-ви септември, наменети за студии по ветеринарна медицина за прв и втор интегриран циклус студии.
– Оваа година работиме според протоколи за уписите така што два дена се доволни за запишување на Факултетот. Ветеринарната професија е атрактивна за идните академски граѓани, затоа што дипломата од ФВМС е признаена во голем број држави и земји, вели деканот, проф. д-р Лазо Пендовски.
Тој појаснува дека Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје е формиран во 1991 година и е полноправна членка на Европската асоцијација на ветеринарни факултети (EAEVE) со студиски план од 5.5 години, 11 семестри, каде наставниот процес се одвива според ЕКТС.
– Сите предложени промени се одраз на следењето на актуелните состојби во ветеринарството во земјата и Европската унија, светската ветеринарна наука но и општествените состојби особено во областа на земјоделството и стопанството во целина. Нашиот Факултет оваа година ги отвори вратите и за интернационални студенти што е предизвик да имаме програма и на англиски јазик. Ги охрабруваме сите средношколци кои сакаат ветерината професија дека на ФВМС се негува концептот Едно здравје, поточно грижата треба да е подеднаква за животните, луѓето и животната средина, додава проф. д-р Пендовски.
Државата има потреба од Доктори по ветеринарна медицина кои по завршувањето на студиите можат да отворат свои ветеринарни амбуланти, да работат во сите сектори на прехрамбената индустрија, веледрогерии, државна администрација, Агенција за храна и ветеринарство, инспекција, млечна индустрија, месна индустрија и многу други можности. Професијата доктор по ветеринара медицина е престижна и ценета во целиот свет.