Иницијативата на ЛДП прифатена, конечно се стави крај на “луксузот” економски директори на Клиниките
Либерално-Демократска Партија ја поздравува одлуката на министерот за здравство Фатмир Меџити со која се прифаќа предлогот на ЛДП од јануари наредната година да функционира еден Клинички центар, со еден генерален директор, со што би се укинале организациските (економски) директори на одделните клиники.
– Иницијативата на ЛДП прифатена, конечно се стави крај на “луксузот” економски директори на Клиниките. Со измените треба да се овозможи рационално трошење на средствата на граѓаните и пренамена на средствата. Затоа предлагаме веднаш да се измени одредбата од член 105 со која е предвидено именување на двајца директори и тоа организациски и медицински директор, велат од партијата.
Од партијата порачуваат дека потребно е итно решавање на натрупаните проблеми во здравството преку измени во Законите за здравствена заштита и здравствено осигурување со цел обезбедување на квалитетна здравствена заштита на сите граѓани во земјава, а во јавните здравствени установи да се воспостават квалитетни менаџерски тимови раководени од еден директор со што во голема мера ќе се заштедат средства кои може да се пренаменат.