Ивана Дамовска: Да се стави крај на лажните и сензационалистички вести
За жал дневни весници речиси и нема. Ако порано се бореле за тиражи, сега за кликови. Но не станува збор само за промена во техничкиот начин на прикажување на вестите туку и за големи промени во однесувањето на луѓето. Полека се менува парадигмата на она што се нарекува „вести“. Вестите само пред неколку години ги читавме од дневни весници, списанија – конкретно мојот ритуал беше секое утро во едно скопско кафуле да ги прелистам актуелните информации, колумни, економски анализи. Тоа за мене беше посебно доживување. Но денес се е поинаку поради социјалните медиуми. За многу луѓе, Фејсбук е првото нешто што го читаат кога ќе се разбудат или кога имаат слободно време. „Вести“ се низата информации кои ги напишале нивните пријатели, роднини, соседи, колеги од работа. Сè помалку луѓе одат на интернет страниците на дневните весници, затоа што знаат дека ако се случило нешто епохално, тоа ќе го „постира” некој од нивните пријатели на Фејсбук. Не велам дека печатениот формат ќе го изгуби своето значење, и не треба, но едноставно сите жанрови се менуваат, така што дел од луѓето што читаа весници сега повеќе читаат онлајн информации. Печатените медиуми ќе останат, но тие ќе бидат за читање, а не за дневно информирање, тој простор е зафатен од онлајн медиумите, но и од социјалните мрежи.
Какви вести сакате да чуете?
Среќна би била кога вестите ќе почнуваат со вест од културата на пример, со нечие достигнување,вест која ќе инспирира, ќе даде мотив некому.Сакам да гледам интелигентни и паметни луѓе од кој има што да се чуе и научи. Во тек сум со сите случувања од земјава и светот. Убава вест прочитав еве баш денес, дека момче кое долго се борело со болеста, благодарение на донации успеало да се лекува во странство, и денес е здраво момче и може да функционира нормално. Некако предолго сме во еден ист круг на негативни вести кој создаваат незадоволство и фрустрација… И едвај чекам да прочитам вест која вели дека Македонија е една од земјите со најчист воздух во светот.
Какви вести не поднесувате?
Лажни, сензационалистички вести, вести со говор на омраза. Интересно е колку оваа појава се негува и од аспект на популизмот, поточно да се залажува и манипулира народот. На социјалните мрежи, сe почесто се пласираат дезинформации и лажни афери со цел да се привлече интересот на јавноста. И не само тоа, бидејќи немаат со закон утврдена одговорност, одделни портали без да наведат докази и факти се стават во улога на обвинители, навредуваат и клеветат. Изворот им е чаршиски муабет, а целта рушење на интегритетот и достоинството на одредени личности. И за жал успеваат да деградираат и дискредитираат, да вознемируваат и да носат штета некому. Поразувачки е фактот дека овие „вести” се шират вирално и имаат влијание иако промовираат омраза, насилство, создаваат параноја, претставуваат причина за создавање конфликти а ни одблиску не се работи како што некој милува да каже кај нас „слобода на говорот”. И во случај на тужби, поради недоречености во правниот систем, никој не сноси одговорност ниту пак добива соодветна санкција. Веројатно и затоа не може да им се стави крај на овие таканаречени „вести“.
Која е последната вест која се објави за вас?
Дека правам силно кафе, а со мирисот ги расонувам и соседите.
*Ивана Дамовска, советник во Центарот за соработка со НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, новинар во „Флексија”