Јакимовски го победи личниот рекорд, истрча Битола – Меџитлија со повторувања 42 км за 2 часа и 47 мин
Битола слави истрчан маратон на еден од големите пријатели на градската трка ТРЧАЈ БЕ, Игор МС Јакимовски од Скопје.
Човекот кој истрчал 34 маратони од кои 7 домашни и 27 меѓународни вкупно на 3 континенти, одлучи да го надмине својот личен рекорд.
За овој подвиг ја избра Битола и вчера во 6 часот наутро на релација Битола – Меџитлија во неколку повторувања до 42.195км за 2 часа и 47 минути успеа и го исполни своето ветување да биде под прогнозираните 2 часа и 50 минути.
На патеката го следеа двајца познати атлетичари во тркачки дисциплини, Кристијан Стојани и Љупчо Стојановски.
Ова е најтешката атлетска дисциплина, а да се биде во кондиција и да се истрча маратон е многу комплициран, долг и тежок процес.
Игор вчера докажа, дека неговите 44 години се само бројка.
“Сум доживувал и победи и одлични пласмани и награди, но исто така и откажувања, колапс, крварење, губење свест, заминување на сред маратон и тонење во жив песок.”- се присетува овој познат македонски маратонец за своите претходни искуства.
Секој маратон е посебна приказна и совршена дефиниција за терминот кој го сакаат спортистите “научена лекција”.
За овој подвиг тој се подготвуваше во изминатиот период, а само изминатиот месец истрча околу 650 км за 30 денови.
Одработи и еден личен тест на полумаратон и го постави како што тој вели “лудиот предизвик”:
Успеа да го постигне најдобриот резултат во кариерата сам на светот без натпреварувачки карактер и тоа во ветеранските години – 44, а ТРЧАЈ БЕ запишува уште еден настан во кој го слави трчањето од Битола.