Јуфкијада 2023: Да ги вреднуваме нашите домашни производи, да јадеме повеќе јуфки и да се реализира во целост Програмата за мајчинство за земјоделките
Да не се кочи реализацијата на Програмата за социјално осигурување за поддршка на регистрираните индивидуални земјоделки за 2023 година и да не се носат избрани решенија и законски измени кои едноставно се на штета на земјоделките и земјоделците. Ова е пораката од страна на 100-те жени од рурални средини, кои учествуваа на традиционалниот настан кој се одржува по 10-ти пат „Јуфкијада 2023“, оваа година во село Зрновци. Тие потпишаа барање кое ќе биде доставено до надлежните институции да не се прават избрзани измени на Законот за здравствено осигурување, кој како предлог се разгледува во македонското Собрание. На ваков начин ќе се дојде до блокада на применливоста на законите, односно ќе се креира уште поголем проблем и нема да може да се применува Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година. Наместо да се создаде соодветна можност за жените – индивидуални регистрирани земјоделки, ќе се креира препрека, која институциите нема да можат да ја решат и системски да се реализира.
Имено, домаќин на годишната прослава е Националната федерација на фармери, во соработка со здружението за рурален развој „Јавор“, кој ги обедини производителките на јуфки, фармерките и љубителите на храната за да го прикажат богатото кулинарско наследство на македонските рурални области и да го промовираат производството на производи со додадена вредност.
Говорејќи на настанот, претседателката на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска им порача на сите релевантни институции и политички организации, наведувајќи „Ние жените од руралните средини ја истакнуваме важноста на Програмата за социјално осигурување за поддршка на жените во земјоделството за 2023 година. Оваа програма е одлично решение кое им овозможува на фармерките да добијат паричен надомест за време на мајчинството во период од 9 месеци. Голем успех за жените фармери, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка“.
Таа потенцираше дека преку оваа програма фармерките ќе имаат право на надомест во случај да бидат спречени да вршат земјоделска дејност поради породување. Ова витално право, кое беше реализирано за прв пат, се однесува на проблем кој опстојува повеќе од три децении. Националната федерација на фармери, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, неуморно работеше на изнаоѓање соодветно решение, што резултираше со спроведување на Програмата за обезбедување социјална сигурност на жените во земјоделството, во текот на 2023 година.
Јуфкијада 2023 го прослави не само кулинарското наследство, туку служеше и како платформа за застапување за правата на жените во земјоделството.
„Со создавање услови за напредок, заштита и остварување на правата и обврските на земјоделците, можеме да постигнеме подобар и достоинствен живот за македонскиот земјоделец. Преку овој настан имавме за цел да ја подигнеме свеста за важноста на македонската традиционална храна и да ја поттикнеме потрошувачката на локално произведени производи. Јуфкијада не е само за производство на јуфки, туку за зачувување на нашиот културен идентитет и зајакнување на нашите рурални заедници“, рече Мојсовска.
Јуфкијада е прослава на нашата традиционална храна и промоција на производи со додадена вредност.
„Општина Зрновци отсекогаш поддржувала и ќе подржува настани кои ги промовираат старите традиционални вредности и улогата на руралната жена во севкупниот рурален развој. Таа игра исклучително важна улога во селското стопанство, производството на здрава храна и зачувувањето на старите традиции. Нејзиното учество и активност во овие области допринесуваат за развојот на руралните заедници и општества во целост. Таа ги пренесува од поколение на поколение старите обичаи, знаења и вештини кои се присутни во нејзината култура и заедница. Преку овие традиции се проследуваат вредностите и идентитетот на една заедница, што го чини богато и разнообразно културното наследство. Руралната жена, преку своето активност во зачувувањето на старите традиции, го запазува и засилува социјалното ткиво на селските заедници.“ истакна Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци.
Настанот ги обединува производителите на македонски традиционални јуфки, ја зајакнува размената на знаења и ги прикажува неверојатните јадења подготвени од македонските рурални жени.
„Јуфкијада е енергичен собир каде луѓето се поврзуваа, споделуваа искуства и создаваа трајни спомени. Беше инспиративно да се биде сведок на зголеменото учество на Жените во традицијата на правење јуфки. Навистина ден исполнет со вкусна храна, директни разговори и славење на нашето кулинарско наследство“, додаде Жаклина Голчева, претседателка на здружението за рурален развој „Јавор“ која го истакна општествениот и забавен карактер на собирот.
Настанот беше доказ за заедничките напори направени од различни засегнати страни за поддршка на локалните земјоделци и создавање одржлив земјоделски сектор, организиран во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од Шведска преку шведската развојна организација We Effect. Проектот има за цел да ги подобри пазарните врски за малите земјоделци, давајќи им можност да ги зголемат своите приходи и да придонесат за одржлив рурален развој.