ЛДП по повод 8-ми март: Целосно поддржуваме рамноправно учество на жените во општеството и политиката
По повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува целосна поддршка за сите жени во Македонија и за нивната борба за рамноправност, еднакви можности и активно учество во сите сфери на општеството.
Во оваа прилика, ЛДП потенцира дека рамноправноста и едукацијата на жените не се само прашања на социјална праведност, туку и се клучни предуслови за остварување на трајни демократски вредности и одржлив развој на нашето општество.
Преку своите политики и активности, ЛДП се залага за создавање на инклузивно општество каде што сите граѓани, без разлика на полот, ќе имаат еднакви можности за учество во политичкиот, економскиот и социјалниот живот во земјата.
– Ние сме посветени на унапредувањето на положбата на жените во нашата земја, не само преку зборови, туку и преку конкретни дела и иницијативи кои целат кон подобрување на нивните права и можности, истакнаа од ЛДП.
ЛДП продолжува со работа на програми кои ја засилуваат улогата на жените во општеството, обезбедувајќи услови за нивно економско осамостојување, образование и политичка застапеност.
– Ги повикуваме сите граѓани, институции, и организации да се придружат кон нашите напори во борбата за рамноправност и да придонесат кон создавањето на општество каде што секој глас е слушнат и ценет. Само заедно можеме да изградиме посветла иднина за сите нас, заклучија од ЛДП.