Македонката Теона Манго со онлајн зелена иновативна дестинација
Beyond Green е нова онлајн дестинација за одржлива мода, “зелена” убавина и еко-лајфстајл, но и за некои други нешта. Ова е место каде што модата може да егзистира одговорно, така што ќе може да се ужива во дизајнот, уметничкиот миг и љубовта кон нештата кои ги носиме и користиме секојдневно. Тоа се однесува и на козметиката, на храната, на домот и на начинот на живот.
Го стартуваше една девојка која верува дека промените се можни, кога се сака. Станува збор за Теона Манго, родена е во Битола има 22 години и живее на различни точки на светот. Нејзинoто образовние е во сферата на политиката и меѓународните односи, дипломираше на Queen Mary Универзитетот во Лондон, на Школата за политика и меѓународни односи.
– Низ образовниот процес увидов дека се можни промени преку застапување и лобирање, особено ако се има цел. Неколку години паралелно успешно работам на блогот Teona’s Wanderlust, привлекувајќи бројна публика која ме следи и чита од различни континенти, со различни интереси, за различни нешта. Сметав дека тоа влијание можам да го искористам и гласно да зборувам за одржливоста како императив за зачувување на нашата Планета, вели таа за своите почетоци со овој нов проект.
Beyond green не е само платформа или публикација, туку место на обединување на стилски и остроумни луѓе, кои сакаат да бидат дел од решенијата, а не дел од проблемите. Таа планира да вклучи личности кои ќе пишуваат и отворено ќе зборуваат за проблемите, но и за достапните примери кај нас кои можат лесно да се применат.
– Целта на платформата www.beyondgreen.mk е да едуцира и искрено да промовира нешта кои јас навистина ги сакам и ги користам во мојот секојдневен живот, а тие го имаат предзнакот на одржливост, односно се Beyond Green.Во него се застапени теми од животната средина, конзервацијата, одржливата мода, совесни бизниси, но и теми кои ја допираат социјалната правда, креирањето на политики во сферата на екологијата, еднаквоста како императив, еко убавината, велнес, зелена технологија – на аналитичен, интелигентен и чесен начин, истакна Теона Манго.
Според неа во Македонија одржливоста како стил на живот е малку присутна, но има обиди за промени. Во тој контекст е и лансирањето на првиот производ кој се нуди на оваа платформа. Тоа е ленената торба. Таа се навраќа на нејзиниот живот оваа година, во Македонија.
– Имав време да се посветам на детали кои ми отворија идеи како да почнам со мали чекори, зошто тука крупни промени потешко се случуваат. Еве еден пример, забележав дека тука скоро никој не користи торба за пазарење. Претпоставувам дека една од причините е затоа што пластичните ќеси се бесплатни во продавниците или со симболична цена. Друг проблем е што нашите луѓе сметаат дека таа пластична ќеса им е потребна за да го соберат отпадот од кујната во неа. Но, тоа е друга тема. Ако сакате пак, да си купите торба за пазарење, избор баш и немате. Сите торби за пазарење што ги најдов овде, не беа најсоодветни (не собираат доволно, не издржуваат тежина…), а и немаше одржлива или еко верзија (главно беа полиестер, најлон или памук). Така дојдов и до идеја да направам торби за пазарење од материјал кој е еко-френдли и одржлив. Одлучив за 100% лен како еден од нај еко-френдли и одржливи материјали на светот. При неговата обработка се испушта многу низок процент на јаглерод диоксид за разлика од производството на други материјали. Кај памукот на пример, поинаква е ситуацијата. Ленот исто така е многу издржлив материјал, што ми беше важно затоа што се работи за продукт кој би се користел често, појаснува таа.
Платформата ја таргетира младата публика која се буди и развива свест за еколошките проблеми. Кај младите генерации во Македонија постои нагон за позитивни промени. Целта на платформата е со мали чекори да почнат да се менуваат навиките. Промените се можни преку едуцирање, но и нудење на решенија што ќе бидат достапни до нас.