Наставата на далечина, успешен предизвик за Француското интернационално училиште
Француското Интернационално Училиште од Скопје (ЕФИС) единствената образовна институција каде целата настава се одвива на француски јазик преку индивидуален пристап и помал број на ученици во одделенијата, но поради пандемијата од Ковид-19 се соочи со нов предизвик, наставата oд далечина.
Приспособувањето кон наставата од далечина воопшто не било лесно, но целата педагошка екипа се мобилизирала да се најдат решенија за да може успешно да се предава програмата.
– Бевме помогнати од канцеларијата на инспекторот кој се наоѓа во Рим, бидејќи уште првата недела после почнувањето на пандемијата, затворањето на училиштата и почнување со настава од далечина, ние се собравме и разменувавме искуства и совети како да продолжиме и како да имаме успешен образовен процес. Така да, ние директорите потоа , бевме во можност да им дадеме совети на професорите како да направат поврзување меѓу наставата во живо и наставата од далечина и исто така да им дадеме насоки како тие да им помогнат на учениците да се вклучат во истата настава, објаснува педагошкиот директор на училиштето Лорен Изел.
Тој појаснува дека пред да се прогласи пандемијата учениците биле две недели на распуст, значи првата задача била тие да разберат дека ова не е продолжен распуст. Исто така било важно да се зачува добриот однос со семејствата.
– Втората работа беше да се подготват часовите кои ќе бидат адаптирани на тоа ново сценарио на настава од далечина, требаше за секој час да се подготви вистинско сценарио како тој ќе се одвива. Исто така, важно беше во тој нов тип на предавање и на усвојување на знаењата да се стекне повторно довербата на родителите. Тој тип на настава, создава замор и требаше да се најдат начини како да биде забавен, да се најдат други вештини. Но во суштина, образованието од далечина се одвиваше со многу интеракција и со добри резултати, вели Изел.
Наставниците мораше да прават обиди што успева и што не успева во дадената ситуација, едноставно стекнаа ново искуство а тоа е голема придобивка.
– Ние професорите имаме навика постојано да се преиспитуваме, да бараме нови начини, но тука навистина бевме притиснати и мораше бргу да се реагира. И секако професорите за кратко време требаше да ги научат и информатичките вештини за да можат да работат.
За учениците важно е да се сподели дека социјалната врска меѓу нив самите, многу недостасуваше. На почетокот учениците, во првите недели од работата на настава од далечина имаа голема помош од родителите бидејќи не можеа сами да се снајдат, но како што напредуваше наставата така тие се повеќе се осамостојуваа, што е една придобивка. Мислам дека информатичката технологија исто така беше усвоена од учениците и со тоа тие се здобија со една нова вештина, вели директорот.
Според него, овој тип на образование направи да се формира еден специфичен однос помеѓу наставникот, ученикот и родителот кој е важен актер во наставата од далечина, и дека и ова е една голема придобивка.
– За мене многу важна порака до родителите би била, да ги задржат нивните деца љубопитни, љубопитни за светот што ги опкружува. За мене ова е основата за еден успешен ученик, за успешно училиште, а потоа и за успех во животот. А за учениците да останат што подолго време деца и да не сакаат многу брзо да станат возрасни.
Дојдов до сознание со моето повеќе годишно искуство како професор дека преголемата изложеност на екраните, било телевизија или компјутер предизвикува недостатокот од сон што многу лошо влијае врз учениците, им ја намалува способноста за концентрација и со тоа и за успех, ете упатувам апел до родителите: Родители, интересирајте се за тоа што работат вашите деца во училиштето и што раскажуваат тие.
За одржување на францускиот јазик пак во текот на месец август имаме часови на поддршка-преку настава од далечина (со алатката Зум), со цел нашите ученици да го зачуваат контактот со јазикот во летниот период и сигурно на по почетокот на наредната учебна година во септември од педагошката канцеларија на инспекторот ќе дојдат инструкции на што да се концентрираме на почетокот на учебната година, особено тоа се однесува за учениците кои имаат потреба од поголема поддршка, порачува Изел.