Нов пакет рестриктивни мерки предложени од Комисијата за заразни болести
Од петок 18 декември до 21 јануари угостителските објекти да работат до 18 часот наместо како досега до 21. Да нема домашни собири и без потреба да не се излегува надвор после 6 попладне. Комисијата за заразни болести предложи нов пакет рестриктивни мерки за да се избегне зголемување на бројот на новозаболени од Ковид за претстојните празници. Се забранува дочек на Нова година и собири на плоштадите како и предновогодишни забави на фирмите. За време на верските празници пред храмовите да не се групираат повеќе од 4 лица, а внатре да нема повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите да носат маски. Препораките ќе бидат доставени до Владата која ќе одлучува на утрешната седница.
На ваквиот предлог на Комисијата реагираа од независната угостителска комора. Тие иако присуствувале на утринскиот состанок велат дека не ги зеле во предвид нивните предлози меѓу кои да се врати нормалното работно време со почитување на сите протоколи и да не се деградираат и етикетираат дека се најголеми жаришта за ширење на заразата.
-Ниедно од нашите барања не само што не беше разгледано, дискутирано, дебатирано или овозможено понатамошна дискусија, сите барања претпоставувам дека беа отфрлени ад хок затоа што решението за денешното затворање, односно ограничување на угостителските објекти беше донесено пред време. Денеска беше едноставно само фарса пред јавноста и пред Комората, на некој начин да се укаже дека одлуките, што наумиле и ќе ги носат без разлика на реалноста и ефектите што тие ќе ги предизвикаат, рече Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Според угостителите иако препораките се на нивна штета од Комората велат дека ќе ги почитуваат, но бараат и Владата да им ги надомести финасиските загуби.
-И во минатото, и денеска, ние како угостители во секој момент ја почитуваме било која препорака на Комисијата за заразни болести и одлука што ќе ја донесе Владата. Она што не го добиваме ние, тоа е почитта од Владата во случај кога не лимитира или не ограничи во работењето ни ги надомести штетите, рече тој. Додаде дека било која мерка да се донесе ќе ја испочитуваат, а не знаат кои угостители и дали ќе можат да работат со новите мерки,
Инаку во новиот пакет мерки од Комисијата нема нови препораки за работењето на моловите и останатите економски оператори.