Општина Кисела Вода донираше инвалидски колички за лицата со попреченост

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го посети Дневниот центар за окупациона терапија за лица со попречености, кој функционира во месната заедница во Црниче, раководен од Центарот за младинскиот активизам „Крик”, поддржан од Општина Кисела Вода.

За лицата со попреченост кои тука го минуваат својот ден, тој донираше инвалидски колички, што за нив значат можност за поголема мобилност и полесно извршување на секојдневните активности со што им се обезбедува и поголема вклученост во сите општествени процеси.

-Денешната донација за лицата со попреченост е само уште една потврда за насоката кон кој Општина Кисела Вода се движи, градејќи средина во која сите наши граѓани живеат подобро, со посебен акцент врз лицата со попреченост кои години наназад беа оставени на маргините. Инвалидските колички за овие лица значат можност за поголема мобилност и полесно извршување на секојдневните активности со што им се обезедува и поголема вклученост во сите општествени процеси. И самиот мултифункционален центар раководен од „Крик”, каде ја оствруваме денешната донација, е отворен и функционира со поддршка од Општина Кисела Вода, истакна Ѓеорѓиевски.

Тој наведе дека, со оглед на тоа што „Крик” е младинска организација која во својата работа ги вклучува и поддржува лицата со различни видови на попреченост, Општина Кисела Вода директно учествува во унапредувањето на условите за овие лица и нивна целосна инклузија во општеството.

– Секако, тука се и другите бројни проекти на оваа локална самоуправа кои веќе цела година ги рушат барирерите за лицата со посебни потреби: градењето на пристапни рампи, на сензорни соби, отворањето и финансирањето на клубот за деца со церебрална парализа, донирањето на книги напишани на Брајово писмо за библиотеката на дечињата со оштетен вид од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”, како и реконструкцијата на објектите и нивната адаптација за да бидат функционални за овие лица, нешто што во целост го постигнавме во ООУ Кузман Јосифовски Питу, кое сега е првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при денешната посета.

You might also like