Павлоски: Меѓугранично овозможивме овоштарите од Македонија и Албанија да ја штитат животната средина
Преку проектот „Иновативни практики за заштита на животната средина фаза 2“ се стимулираат земјоделците во прекуграничниот регион да користат практики за намалување на пестициди и ѓубрива што влијае на заштитата на животната средина. Во реализација на Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп (ЦГИ) како водечки апликант, во партнерство со Организација за управување со дестинации – Корча (ДМО) и ко-апликантите Здружението на овоштари Благој А. Котларовски и Агринас-ЕР, финансиран е од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија на Европската Унија спроведена преку Министерство за локална самоуправа, а се реализираше две години. На оваа тема разговаравме со Кристина Павлоски, офицерка за комуникации на проектот.
Од каде идејата за проектот?
Кристина Павлоски: Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп како организација која функционира повеќе од 22 години има своја практика пред да почне со подготовка на проект да направи добра анализа на состојбите на терен, потребите и интересите на граѓаните. Она што анализата го утврди е појава и на прекумерната употреба на пестициди при одгледување на јаболка и загадување на животната средина. Така овој проект го насочивме кон заштита на животната средина, поквалитетно производство на јаболка и едукација и развој на овоштарите во регионот.
Какви практики треба да се користат за намалување на пестициди и ѓубрива?
Кристина Павлоски: Земјоделците всушност треба да прават редовна правилна агро – хемиска анализа на почвата. Со овие анализи се утврдува кои елементи ги има во вишок во почвата, а кои недостасуваат и да знаат кои ѓубрива, колку и кога да ги применуваат. На ова треба да се додаде и користењето на фертилизатори, со кои ѓубрењето се врши преку системот за наводнување, капка по капка, и со тоа се врши дополнителна заштита на животната средина. Со информациите добиени од агро – метеоролошки станици се врши дојавување за болести и штетници, односно се утврдува точниот момент кога земјоделците треба да извршат заштита на своите овошни насади, и така се избегнува непотребното прскање со пестициди. За илустрација, користењето на овие информации на овоштарите им помогна да ги намалат прскањето за 8-9 пати годишно.
Кој е предизвикот за земјоделците преку овој проект?
Кристина Павлоски: Проектот им донесе предизвик на земјоделците да произведуваат здрави јаболка со помалку прскање и пестициди, подготвени за европските пазари. Предизвикот пред земјоделците беше да променат дел од своите навики. Да станат поодговорни, да ја подобрат меѓусебната соработка и што повеќе да усвојуваат нови знаења и практики, да учат. Предизвикот на земјоделците во овој проект за меѓусебната соработката им донесе формирање на здружение во Корча на искуството на она во Ресен и креирање на заеднички документи за развој на овоштарството во регионот.
Кои беа активности кои ги реализиравте?
Кристина Павлоски: Овој проект имаше активности насочени кон организациите кои го спроведуваа, активности кон агро производителите и група на активности за подигање на јавната свест. Некои од активностите се: поставување на агро – метеоролошки станици за целосно покривање на регионите Преспа и Корча, доопремување на агро – хемиските лаборатории во овие региони кои ги водат Здружение на овоштари Благоја А. Котларовски – Ресен и Агринас – ЕР – Корча и набавка за почвени анализатори на истите, обуки за земјоделци за практична употреба на методот фертилизација, користење на фертилизатори, оформување на здружение на овоштари во Корча, студиска анализа за ефективноста на употребата на фертилизација на намалување на ѓубрива, користење на меѓународни искуства – посета на Словачка и Унгарија, работа со ученици, при што беа вклучени 15 училишта во овие региони и тоа 5 во регионот на Ресен и 10 во регионот на Корча.
Едноставно овој проект им донесе на овоштарите во двата региони систем преку кој добиваат смс пораки со информации кога треба да ги прскаат овошките, односно каква заштита им треба за да нема непотребно прскање со пестициди на овошките. Исто така ги научи како системот за наводнување, капка по капка, да го користат и како систем за фертилизација односно ѓубрење, со што се врши заштита на околината, но и заштеда на време на овоштарите. Им донесе зближување кое резултираше со формирање здружение на овоштари во Корча, но и заеднички планови и стратегии за заеднички настап на пазарот. Меѓународните искуства овоштарите ги оценија како многу важни.
Всушност ова беа активности кои го променија начинот на организирање на овоштарите и поголема нивна свесност за квалитетот на јаболкото и заштитата на животната средина. Донесе и соработка меѓу две општини и 15 училишта. Донесе околу двесте обучени овоштари, околу 295 анализи на почва, 42 доделени фертилизатори, 22 овоштари на студиска посета во Словачка и Унгарија, помалку попрскувања од 24 на 15 пати годишно и квалитетно јаболко. Учениците вклучени во проектот го променија односот кон природата, сега се поодговорни и повеќе ја штитат, а внимаваат и за квалитетот на храната.
Колку е важно за животната средина и за заштита на истата?
Кристина Павлоски: Примената на агро – метеоролошките станици, почвените анализи и фертилизаторите значи многу за заштитата на животната средина. Со намалувањето на пестицидите и правилното користење на ѓубрива се намалува загадувањето на животната средина. Но, не само животната средина се заштитува и здравјето на луѓето со подобрување на квалитетот на производите.
Кои се бенефитите за крајните корисници?
Кристина Павлоски: Бенефитите на крајните корисници се да консумираат поздраво јаболко, кое ќе биде помалку прскано, и да живеат во поздрава животна средина. Вклучените овоштари денес имаат намалена примена на ѓубрива, заштеда на време и пари, како и зголемен принос на квалитетно јаболко спремно за европскиот пазар.
Каква беше соработката помеѓу двете земји, Македонија и Албанија, колку е важно пограничното вмрежување?
Кристина Павлоски: Соработката на двете страни помеѓу Македонија и Албанија беше одлична, тоа се однесува на партнерските организации, но и на целните групи вклучени во проектот. Имено соработката меѓу организациите кои беа вклучени трае и денес и партнери сме во други проекти – што е потврда на добрата соработка. Што се однесува до вмрежувањето меѓу целните групи – овоштарите, тука ресенското здружение беше пример за формирање на здружение на овоштари во Корча. Искуството на ресенското здружение се покажа како многу важно. Денес овие две здруженија соработуваат, а се воспоставија и многу лични пријателства. Се разговараше и договараше и заеднички настап на овоштарите од С. Македонија и Албанија на трет пазар. Овоштарите од двата региони направија анализа за одредување на заедничките проблеми, поставија заеднички приоритети, а ја поставија насоката и темелите за заедничка стратегија. Секако треба да ја споменеме и добрата соработка меѓу учениците од двете држави. Имено тие имаа меѓусебен квиз натпревар, заедничка еко кампања, меѓусебни дружења и пријателства кои траат и денес, а некои од училиштата најавија и заеднички активности и проекти.
Оваа година кои активности ви се планирани?
Кристина Павлоски: И оваа година нашата организација продолжува да работи на реализацијата на своите проекти, програми и цели. Работиме на национални и меѓународни проекти поддржани од различни донатори. Но, да споменеме дека со ДМО – Корча, ја продолживме соработката и како партнери. Моментално работиме на проект кој се реализира во Општина Могила кај нас и во Општина Малиќ во Албанија. Со овој проект ќе им помагаме на општини кои имале проблеми со поплави и тоа со инфраструктурни зафати за спречување на поплави, со воспоставување на систем за предупредување со републичките хидро – метеоролошки заводи и други активности во таа насока. И овој проект е поддржан од Европската Унија и средствата од компонентата ИПА 2 од програмата за преку гранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.