Почина Георги Константиновски – „таткото“ на студентскиот дом „Гоце Делчев“
Георги Константиновски се смета како еден од најзначајните архитекти во Македонија, а во светот е вброен помеѓу најдобрите 55 архитекти. Тој почина на 8ми септември, а денес се одржа неговиот погреб, според синот кој веста ја соопшти преку социјални мрежи.
Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Се повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура.
Делото на Константиновски ги содржи студентскиот дом „Гоце Делчев“, архивот на Град Скопје, архивот во Охрид, Домот за рекреација во Катлановска бања, Домот за нега „Сју Рајдер“ во Скопје, Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце, Архивот во Штип, Спомен Домот на Разловечкото Востание, Пелинце, Домот на печат во Приштина.
Студентски дом „Гоце Делчев“ / Фото: МАРХ.мк
Студентски дом „Гоце Делчев“ / Фото: МАРХ.мк
Константиновски е од првата генерација на студенти на Архитектонски отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1956 каде и дипломирал. По дипломирањето се вработил во Заводот за урбанизам при Народниот одбор на Скопската околија во Скопје. Научната кариера ја започнал во 1958 година кога бил примен за асистент, а подоцна станал и редовен професор на предметот Проектирање на станбени и угостителски објекти на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје каде бил ментор на магистранти и докторанти, како и на неколку стотинистуденти- дипломци. Бил Раководител на Институтот за проектирање и Претседател на Советот за урбанизам на град Скопје, а во периодот 1987–88 ја извршувал функцијата Декан на Архитектонскиот факултет. Професионалната кариера ја завршил во 1995 година како редовен професор на Архитектонскиот факултет. Во 1953 бил на стручно усовршување во бирото на архитектот Само Алмоснино и во „Еврејската агенција за урбанизам“ во Израел, а во 1960 во Белград во бирото на архитектот Рајко Татиќ. Магистрирал на универзитетот Јејл, САД во 1965 кај Пол Рудолф и Сергеј Чемаеф.
Тој е основач на прогресивната вонинституционална архитектонска група „Андерграунд” во Скопје во 1968 година. По доаѓањето во Скопје, одржал поголем број предавања пред скопските архитекти за современата американска архитектура проследена со дијапозитиви, работејќи интензивно цели две години на пишување книга во којашто ги вклучува големите имиња на сите живи американски архитекти. Токму за оваа цел добил огромен материјал, посебно од фотографии на нивни објекти.
Константиновски смело ги критикуваше грешките на македонското општество, секогаш посветен на својата професија, а за сите нас тој останува светол пример, и ние се надеваме дека неговиот пат до вечноста ќе е лесен и убав. Направи многу за нашето општество и неговиот помен ќе остане во неговото дело и во младите архтекти кои ќе учат од него.
Насловната фотографија е преземена од MАРХ.мк