Потпишан Меморандум за експертска поддршка меѓу Северна Македонија и Норвешка
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска го прими специјалниот претставник на Кралството Норвешка за Западен Балкан, амбасадорот Арне Санес Бјорнстад (Arne Sannes Bjørnstad).
Во предвечерието на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во 2023 година, министерот Османи и амбасадорот Бјорнстад го поздравија одличниот развој на односите изминатите три декади и ја потврдија заемната посветеност за нивно натамошно динамизирање и унапредување. Во таа насока, министерот Османи изрази надеж дека во првата половина на 2023 година во Скопје ќе биде домаќин на возвратната посета на неговиот норвешки хомолог, министерката за надворешни работи Аникен Хајтфелд.
На средбата, министерот Османи изрази благодарност за досегашната соработка и поддршка на Кралството Норвешка во спроведувањето на реформите во нашата земја и во споделувањето на норвешките искуства за унапредување на административните и законодавните капацитети на Република Северна Македонија, потенцирајќи дека се исклучително важни и суштински за севкупните демократски процеси во земјата. Министерот нагласи дека Норвешка беше, е и понатаму ќе биде наш значаен партнер во развивањето на капацитетите за остварување на нашите надворешно-политички приоритети.
Во таа насока, министерот Османи и амбасадорот Бјорнстад потпишаа Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на Кралството Норвешка, со кој се предвидува норвешка експертска поддршка за Владата на Република Северна Македонија во нејзините клучни агенди, вклучително надворешните и безбедносни работи и политики, пристапните преговори во ЕУ, регионалната соработка и доброто владеење. Норвешката поддршка ќе биде реализирана од страна на Истражувачката Група за Балканска Политика (Balkans Policy Research Group), за што министерот Османи потпиша Меморандум за разбирање со извршниот директор на Групата, Наим Рашити.
Амбасадорот Бјорнстад нагласи дека Норвешка ќе продолжи и натаму да ја поддржува Република Северна Македонија во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините цели, односно нејзиното полноправно членство во Европската Унија. Денешното потпишување на двата Меморандуми за соработка се нова и конкретна потврда за норвешката одлучност за поддршка на Владата во нејзините напори за зајакнување на институциите.
Покрај за билатерални теми, на средбата се разговараше и за претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, актуелните состојби во регионот на ЗБ, руската инвазија врз Украина и глобалната енергетска криза.