Прекумерната употреба на антибиотици кај животните без да знаеме завршува на нашата трпеза

Неконтролираната употреба на антибиотиците во ветеринарната медицина е ризик нивните остатоци и метаболити да завршат во производите од животинско потекло, а со тоа и на трпезата на потрошувачите, предупредува проф. д-р Деан Јанкулоски, раководител на Институтот за храна при Факултет за ветеринарна медицина-Скопје.

– Прекумерната и несоодветна употреба на антимикробни средства и недостаток на практики за контрола на инфекциите ја трансформираат антимикробната (АМО) во глобална закана за ветеринарното и јавното здравје. Употребата на антибиотиците во ветеринарната медицина влијае врз појава на АМО на некои сапрофитски и патогени микроорганизми кои подоцна се наоѓаат во храната од животинско потекло, вели проф. д-р Јанкулоски.

Според Јанкулоски на тој начин, ние, потрошувачите, без да знаеме сме изложени на остатоци на антибиотици кои меѓу другите штетни ефекти можат да влијаат врз појава на АМО на микроорганизми нормално присутни во нашето тело. Но истовремено сме изложени и на микроорганизми со АМО кои не знаејќи ги внесуваме преку храната. Инфекција преку храната со овие патогени отпорни на антибиотици може да биде причина за сериозни алиментарни инфекции и интоксикации кои поради невозможноста да се третираат со вообичаените антибиотици можат да бидат причина за многу сериозни опасности по здравјето.

Антимикробната отпорност е способност на микроорганизмот да се спротивстави на ефектите од антимикробните супстанци што се користат за нивно уништување, односно да одолеат на дејството на антимикробните средства, а посебно на антибиотиците. Отпорноста се појавува на 3 начина: Природна отпорност, генетска мутација, и преку трансфер на гени од други микроорганизми, додава проф. д-р Јанкулоски.

Како што појаснува Јанкулоски АМО се појавува поради различни причини, а како најчести се вбројуваат несоодветна употреба на антимикробни супстанци за терапевтски цели, употреба на антимикробни средства за не терапевтски цели, загадување на животната средина со отпадоци од антимикробни средства (резидуи во екосистемот), континуиран развој на отпорноста во животната средина, зголемувањето на глобалната трговија со храна од животинско потекло и живи животни кои го пропагираат ширењето на АМО во светот.

Масовната употреба на антиобиотиците во ветеринарната и хуманата медицина преставува сериозен ризик за развој на АМО и потребна е итна интервенција поради сериозните последици од неуспешниот третман и смртни случаи, патолофизиолошки последици и финансиски трошоци. АМО е комплексен проблем кој го афектира целото општество и врз него влијаат многу меѓусебно поврзани фактори. Но за справување со АМО единечните и изолирани активности и интервенции имаат само ограничено влијание. Единствениот здравствен прирачник за борба против АМО-Едно здравје, претставува светска стратегија за проширување на интердисциплинарни соработка, на национално и глобално ниво и комуникација во сите аспекти на здравствената заштита за луѓето, животните и заштитата на животната средина. Постигнатиот синергизам ќе ја унапреди здравствената заштита за 21-от век, а со забрзување на откритијата во областа на биомедицински истражувања, ќе се подобри ефикасноста на ветеринарното здравство, брзо ќе се прошири базата на научни знаења и ќе се подобри ветеринарната едукација и третманот на животните, вели Јанкулоски.

Според него актуелната состојба се чини дека е критична. Иако постои широка информираност и ефективна национална и меѓународната соработка, подигната е свеста на јавноста и надлежните државни служби, преземени се различни мерки, воведена е мониторинг програма на АМО за коменсални и зоонотски микроорганизми кај животните од кои се произведува храна, па сепак АМО не се намалува.

Од тука е значењето на докторите по ветеринарна медицина за рационална и правилна употреба на антибиотиците кај животните од кои се произведува храната и кај домашни миленици. Што ќе се случува со АМО во иднина навистина е непознато. Опасноста од се позачестена појава од мултирезистентни микроорганизми поради големите количества на употребувани антибиотици е се поголема. Но со преземање на сите препорачани мерки од надлежните служби, ветеринарната професија и информирањето на јавноста за рационалната употреба на антибиотиците можеби ќе успееме да го одржиме исто ниво на АМО и да ја спречиме спречи појавата на мултирезистенцијата и да ги зачуваме антибиотиците за во иднина. Останува фактот дека ветеринарната професија е клучна алка во борбата со отпорноста на микроорганизмите кон антибиотиците но и потребата од заеднички институционален настап и стратегија со хуманата медицина, тврди проф. д-р Јанкулоски.

You might also like