Саем на кариера понуди над 200 работни позиции – шанса за подобра кариера и можности за вработување во Битола
Дваесет и две компании кои имаат над 200 работни позиции беа дел од 5-тиот по ред “Саем за кариера” во организација на Младински Културен Центар- Битола, каде сите кои се во потрага по работа, без досегашно искуство или пак им е потребна дообука, подобро да се запознаат, да се информираат и да го направат првиот чекор кон нивното вработување.
– Имајќи ги во предвид брзите динамики кои се случуваат денес, а кои се јавуваат како последица и во пазарот на трудот, ваквото партнерско делување дава шанса повеќе за оние кои бараат работа и оние кои имаат потреба од вработување на кадри. Треба да делуваме во преквалификациите и дотурот на информации за тоа кој тип на профили се потребни за нудење на работни услуги кон фирмите. Се надевам дека овој проект кој има три делови, прво бизнис старт-ап центарот, саемот на кариера и третиот јакнење на ИТ вештините кај популацијата, сите три дaваат можност младите луѓе, самохраните родители, а воедно и оние кои ги доживеале последиците од пандемијата во својот работен ангажман да добијат шанса повеќе, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Оваа активност е единствена во државата поддржана од Меѓународната организација на трудот , преку фондови на ЕУ, а Општина Битола беше еден од многуте апликанти кои беа препознати како единствена проектна апликација која се поддржа и која финишира со ваков голем настан.
– Близу 40 проценти од луѓето од Западен Балкан кои немале странско државјанство или биле со привремен престој во земјите на ЕУ со појавата на пандемијата се вратиле и останале дома. Најголем дел од нив се сѐ уште тука, со можност поголемиот дел од нив да останат во своите држави и тука да почнат да придонесуваат со работа , преку отворање на сопствени бизниси или вклучување како експерти во различни бизниси, истакна Сашо Додовски директор на Младинскиот културен центар од Битола, повикувајќи се на истражувања од Европската Унија.
Мисијата на “Саемот за кариера” е да информира, мотивира и едуцира невработени лица од општина Битола да аплицираат и да се вработат во брзорастечки компании, големи компании, мали и средни бизниси, иновативни бизниси и старт ап компании кои нудат слободни работни места.
Исто така една од целите е да ја поврзува бизнис заедницата, продолжува како и мотивирање на младите да останат во својот роден град, да започнат свој сопствен бизнис и/или да се вклучат во едукативни програми и да работат на сопствениот кариерен раст и развој.
– Во секоја голема криза, како што е оваа глобалната здравствена криза со Covid-19 која предизвика и очекувана економска криза, може да биде и период за огромни шанси. Ова особено важи за земји, кои што побргу ќе го фатат чекорот со развиениот свет преку засилена дигитализација и уште позабрзан развој на стартап- сцената. А изминатата година и тоа како не префрли во онлајн светот. Овде денес гледам и шанса за реално поврзување на бизнис секторот со младите од Битола и знам дека ќе резултира со успеси кои како индикатори ние ги следиме, изјави Наташа Симјановска проектен координатор на Меѓународната организација на трудот со седиште во Скопје.
На настанот беа поканети и четири мотивирачи-говорници кои ги раскажаа своите лични приказни на успех, Весна Иваноска – генерална менаџерка на Сеавус едукативен и развоен центар, Пеце Цветковски-Персата, кој Вила Дихово ја претвори во туристички производ за кој зборува светот, Мартин Ангелов основач на Улаф Сте- првото знаковно кафуле и Елена Петровска која работи во Cylindo Битола, старт-ап компанија која има свои канцеларии во Копенхаген, Бостон и Скопје.