SFW23: Да се живее одржливо – преку дизајнот и модата
Ставови за одржлива мода и одржливо однесување како принципи на новото време, се слушнаа на Јавната дебата која вчера во East Gate Mall – Office spaces ја организираше Skopje Fashion Weekend во рамките на проектот “Small but perfect”-осмислен како моден акселератор кој треба да ја трансформира циркуларната мода во одржливи модели поддржан од COSME програмата на ЕУ.
На јавната дебата со наслов „Мала но совршена: енергијата на дизајнот за луѓето и околината“ говореа: Александра Спасевска – новинарка и активистка членка на Fashion Revolution Macedonia, Натали Ристовска – дизајнерка на одржлива мода и истражувач на новите технологии за производство на текстил и основач на брендот Јованка, италијанскиот дизајнер Арслан Додо кој е на листата на 90 светски водечки дизајнери и комапнии и кој допатува во Скопје специјално за овој настан, Карло Стронати – претставник на Errea модниот бренд, Милена Доневска – бренд менаџер во Магнетик и Александра Трпеска која под името Majestic делува како инфлуенсер кој застапува активизам и одржлива мода.
Зборот квалитет , не е толку синоним за луксуз, туку фактор на одржлив и одговорен развој. А луѓето треба да се стават пред профитот. Тоа беа главните ставови околу кои се движеше дискусијата.
„Циркуларната економија значи отстапување од традиционалниот, линеарен економски модел, кој се заснова на принципот земи-направи-потроши-фрли. Овој модел се потпира на големи количини на евтини, лесно достапни материјали и енергија.
Исто така, дел од овој модел е планирана застареност, односно отстапување од практиката да се дизајнира производ така што тој да има ограничен животен век за да мора потрошувачите повторно да го купат“ – истакна Александра Спасевска – членка на Fashion Revolution Macedonia.
Квалитетот, мора да биде поврзувачки елемент кој го линкува дизајнот со производството на највисоко ниво преку комплексен меѓусебно поврзан синџир во акција што не е самореферентна ситуација, туку интегрирана во ефикасен и заеднички систем.
На овој панел, Натали Ристовска и Александра Трпеска преку лични примери предлагаа можни мерки како што се спречување на отпадот, еко-дизајнот и повторната употреба кои може да им заштедат пари на компаниите или на поединците, а истовремено да ги намалат вкупните годишни емисии на стакленички гасови.
Во моментов, производството на материјалите што ги користиме секојдневно претставува 45% од емисиите на јаглероден диоксид.
Италијанскиот дизајнер Арслан Додо кој е на листата на 90 светски водечки дизајнери и компании и кој допатува во Скопје специјално за овој настан, пред присутната публика ги сподели своите искуства кои ги работи глобално и се однесуваат на сегменти на осветлувањето кое се користи при создавањето на модните кампањи. Иновациите го движат светот, а модата и дизајнот се оние сегменти кои секогаш биле пионери во воведувањето на новините, беше неговиот заклучок.
Гостинот од Италија во рамките на Деновите на италијански дизајн одржа и мастерклас посветен на италијанскиот дизајн во амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје.
Придвижувањето кон поциркуларна економија може да донесе придобивки како што се намалување на притисокот врз животната средина, подобрување на безбедноста на снабдувањето со суровини, зголемување на конкурентноста, стимулирање на иновациите, стимулирање на економскиот раст и создавање работни места.
Потрошувачите ќе добијат и потрајни и иновативни производи кои ќе го зголемат квалитетот на животот и ќе заштедат пари на долг рок, беше уште еден од заклучоците на јавната дебата од учесниците Милена Доневска – бренд менаџер во Магнетик и Карло Стронати – претставник на Errea модниот бренд.
„Како сумаризација на нашата дебата може да издвоиме неколку клучни заклучоци: важен е целосниот животен стил, а не само нашиот однос кон облеката, и секој мал чекор се брои; користењето на природни материјали и рачната изработка не носат поблиску кон природата; дури и остатоците од оризот, кој е наша локална произведена храна можеме да ги употребиме во производството на материјали и облека; дека долготрајноста на производите и квалитетната изработка им даваат поголемо значење и можност за нивното понатамошно користење од следните генерации; едукацијата на потрошувачите на сите можни нивоа за принципите на одржливоста; поддршка кон локалните традиции и малите домашни дизајнерски брендови, како и поголема транспарентност на големите компании за нивниот придонес или влијание на околината. Сите треба да бидеме активисти и постојано да бараме одговорност од производителите. И на крај, да покажеме како дизајнот може да понуди одлични решенија за зачувување на нашата планета, нашите природни ресурси, нашата хуманост и нашата душа“ – заклучи на крајот Проф. д-р Гордана Вренцоска, која беше и модератор на оваа дебата.
Годинешното 26. издание на Skopje Fashion Weekend се одржува од 9-10 март во рамките на „Деновите на италијанскиот дизајн„, проект кој се одржува ширум светот, иницирано од Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка преку италијанските амбасади, институти за култура и трговски агенции за промовирање на италијанскиот дизајн и архитектура.
Годинешната тема на Деновите на италијанскиот дизајн е: „Квалитет кој просветлува. Енергијата на дизајнот и за луѓето и за околината“.