Спасевска, проректор за настава на УКИМ: Дигитална трансформација на високото образование во чекор со дигиталните побарувања на компаниите
„Дали ние како држава сме подготвени во овој момент да пружиме студиски програми
кои ќе бидат дигитализирани и имаме млади кадри кои ќе бидат квалификувани со
базични вештини во чекор со дигиталната трансформација и барањата на компаниите. Со брзата дигитализација на општеството, многу е веројатно дека за неколку години нашите компании ќе бидат целосно дигитализирани, а ние како образовни институции ќе треба да ги подготвиме младите студенти кои дипломираат за пазарот на трудот и
понатамошното градење на професионална кариера, во чекор со оваа дигитална
трансформација”, истакнува проректорката за настава на УКИМ и професор на ФЕИТ,
Христина Спасевска во своето обраќање на панелот „Заинтересирани страни наспроти
носители на одлуки“ на DigiU Форум, којшто се одржува денеска во организација на
Форумот за образовни промени.
Во процесот на дигиталната трансформација, фокусот мора да биде, пред сѐ на
дигитализација на образованието, за што министерот за информатичко општество и
администрација Алиу, заменик министерот за образование Нухиу и ректорите на
универзитетите во Штип и Тетово како панелисти, се согласија дека е долг но потребен за нашата земја. Поедноставување на комуникацијата помеѓу студентите и професорите и студентите и административните служби на универзитетите, како и достапност до светска литература и предавачи кои благодарение на дигитализацијата ќе бидат достапни за студентите и професорите.
„Најважно е нашите универзитети своите програми да ги подготват за реално вклучување на студентите во дигиталниот процес. Има уште многу работа на УКИМ во овој процес, за што од особено значење ќе биде поддршката на министерството за образование и наука и министерството за информатичко општество и администрација. Потребни се голем број софтверски алатки кои се лиценцирани и треба допрва да се развијат. УКИМ има капацитет и подготвеност да ја забрза оваа дигитална трансформација, ќе подготвиме квалитетни проекти кои ќе бидат финансиски издржани со акциски план за целосна дигитализација на нашите студиски програми и е-индекс системот. Со овие проекти ќе бараме средства од МОН, но и од меѓународните финансиски програми”, дополнува Спасевска.
Форумот DigiU е иницијатива која започна во јануари 2023 година, како процес на
креирање фронт помеѓу државните универзитети и студентските собранија, а со цел
препознавање на потенцијалите за дигитална трансформација на високото образование во земјата и воедно забрзување на овој процес.