Според мерењата на квалитетот на безжичните електронски комуникацискии мрежи на АЕК, мрежата на оператор А1 покажува далеку подобри перформанси од Македонски Телеком
Според Извештајот за состојбата на квалитетот на јавни електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни електронски комуникациски, кој се базира на мерењата кои Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги спроведе во период од 16.10.2020 до 04.11.2020 на подрачјата на Скопје, Куманово, Желино, Тетово и Илинден, мрежата на мобилниот оператор А1 покажува далеку подобри перформанси од Македонски Телеком.
Мерењето на квалитетот на безжичните електронски комуникацискии мрежи е извршено со користење софистицирана опрема инсталирана во специјално мерно возило за симулација на корисничко искуство, односно со комбинација од хардверско/софтверско решение за генерирање, анализа и објавување на податоците.
Извештајот за Скопје покажува дека мобилниот оператор А1 за своите корисници на територијата на Скопје обезбедува далеку побрз интернет од Македонски Телеком. Во Скопје за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија ДООЕЛ обезбедува брзина за пренос на податоци од 102.971 Mbps, додека кај Македонски Телеком АД Скопје брзината е 62.297 Mbps. Задолжителна целна вредност дефинирана од АЕК е утврдена да мора да биде поголема од 55Mbps.
Операторот А1 обезбедува побрз интернет и во Куманово, каде за преземање фајл со иста големина, брзината е 96.776 Mbps, а на Македонски Телеком – 68.097 Mbps. Телеком има побрз интернет на подрачјето на Желино и мерењето во ова населено место покажа брзина од 81.005 Mbps кај овој оператор, додека кај А1 изнесува 62.552 Mbps.
Што се однесува до другите мерени параметри и двата телекомуникациски оператори, независно од технологијата, обезбедувале 100% покриеност со сигнал, приближно ист квалитет на говор и време за воспоставување повик далеку пониско од зададените 7 секунди од страна на АЕК.
Во однос на неуспешни и прекинати повици, на територија на Скопје и кај двата оператори тие се далеку под задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК – помала од 2%. Но во Куманово, кај А1 не е измерен ниту еден прекинат или неуспешен повик, додека кај Македонски Телеком биле измерени 2,5% прекинати повици, односно 0,5% повеќе од зададената вредност од страна на АЕК. На територијата на Желино, кај овој оператор биле измерени многу повеќе прекинати повици од зададената вредност, односно дури 5,3%. Кај операторот А1 на ова подрачје немало ниту еден неуспешен, ниту прекинат повик.
Извештајот за населеното место Тетово покажува дека, независно од технологијата, операторот А1 обезбедува 100% покриеност со сигнал, а Македонски Телеком 99,85%. И кај двата оператори не се забележани прекинати повици, додека А1 нема неуспешни повици, а кај Македонски Телеком се измерени 0,8%. И двата оператори обезбедиле приближно ист квалитет на говор и време за воспоставување повик далеку пониско од 7 секунди зададени од АЕК.
Во поглед на брзината на пренос на податоци, во Тетово за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија обезбедува брзина за пренос на податоци од 100.929 Mbps, додека кај Македонски Телеком била измерена брзината од 76.002 Mbps.
На подрачјето на Општина Илинден и двата оператори имале 100% достапност, операторот А1 немал неуспешни и прекинати повици, додека кај Македонски Телеком биле измерени 1,1% неуспешни и 2,2% прекинати повици. Задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК и за двата параметри била помалку од 2%.
На ова подрачје Македонски Телеком обезбедува помала брзина на пренос на податоци од задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК која е утврдена да мора да биде поголема од 55.000Mbps. Брзината со која корисниците на мобилен интернет на Македонски Телеком можат да симнат фајл од 10 GB на подрачјето на Општина Илинден изнесува само 31.039 Mbps. Кај операторот А1 измерената брзина на пренос била 82.530 Mbps.
Македонски Телеком во 2018 година доби P3 „Best in Test“ сертификат, како резултат на независното тестирање на компанијата P3 Communications кое тогаш потврди дека Македонски Телеком е оператор со најдобра мрежа во Македонија.
Во последниве две години не е објавено дали се вршени вакви тестирања и какви резултати се добиени.