Танкоска: Студентите од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје преку програмата Спинакер се стекнаа со практични вештини
Внатрешни болести кај коњи, од страна на врвни специјалисти од наведената област е работилницата која се одржа работилница на Факултетот за ветеринарна медицина (Veterinary Medicine Faculty of the Wroclaw, University of Environmental and Life Sciences) во Вроцлав, Полска во рамките на програмата Спинакер. Благодарение на споделениот повик, на обуката земаа учество група на студенти од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Македонија.
Програмата е финансирана од Национална агенција за академско усовршување и истата е воведена на Универзитетот за природни науки во Вроцлав, преку која се овозможува стипендирање на 30 интернационални студенти, од кои 20 студенти студираат на Универзитетот во Вроцлав, а останатите студенти се од други странски Универзитети.
– Ова патување претставуваше ретка можност за унапредување и осознавање на нови вештини и откритија кои ги пружи науката, напредната технологија како и вложувањето во клиничкиот пристап кон коњите, кои важат за уникатни животни со потреба од посебен пристап и третман, вели Тамара Танкоска претседателката на Сојузот на студенти при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
Таа додава дека темите на предавањата ги опфатиле најчестите проблеми поврзани со внатрешните болести на коњите поврзани со гастро-интестиналниот систем, како и ортопедски заболувања и основни хируршки процедури.
– Во однос на практичната работа, предвидените часови беа исполнети со директна практична работа врз пациенти, а беа употребувани и модели – коњи чии анатомски структури овозможуваат детално изучување и лесно стекнување на практични вештини, појаснува претседателката на студентите од ветеринарна медицина.
Проектот се заснова на подобрување на клиничката пракса чија цел е да се доближи извонредноста на клиничката наука преку предавања, со најголем осврт кон практичниот дел.
Од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје учествуваа пет студенти од трета, четврта и петта година, кои веќе се во допир со претклиничките и клиничките предмети, а оваа обука беше одржана од специјалисти во ветеринарната медицина кои доаѓаа од врвни универзитети во Европа.
Покрај обуката, организирани беа и тури на избрани локации со културно наследство во Вроцлав и Шлезија, замокот Ксаиз и зоолошката градина. Особено важно за едно студентско патување е и дружбата со студентите кои беа вклучени во програмата од различни земји како Германија, Шведска, Норвешка, Турција, Албанија, како и студентите од Полска кои организираа дружење со локалната ИВСА (Интернационална Ветеринарна Студентска Асоцијација).