УСЈЕ: Не сме причинители за состојбите со животна средина во Скопје

Цементарница УСЈЕ е транспарентна и отворена компанија и работи согласно највисоките стандарди за животна средина. Потенцираме дека УСЈЕ не е причинител за состојбите со животната средина во Скопје. За илустрација, во деновите кога цементарницата воопшто не работеше (07.01.2020 – 11.01.2020) загадувањето на воздухот во Скопје беше на високо ниво, што го потврдија и дополнителните контролни мерења од независна акредитирана лабораторија извршени на 10. јануари 2020 година.

УСЈЕ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и врши континуиран мониторинг на сите испусти согласно дозволата. Податоците од независниот мониторинг редовно се објавуваат и истите се во законски дозволените граници, што јасно укажува на строго контролиран процес. Резултатите од овие мерења се јавно достапни на интернет страницата на компанијата: http://www.usje.com.mk/NedelniIzvestaiEmisii.html и http://www.usje.com.mk/godisni_izvestai_0_mk.aspx?mId=101&Lan=MK. Покрај тоа, редовно се доставуваат и до Министерството за животна средина и просторно планирање, а во насока на што поголема транспарентност секоја недела се испраќаат и до сите медиуми и до невладини и граѓански организации. Емисиите од сите мерни места за сите параметри се под дозволените гранични вредности на емисии, кај дел од нив и неколкукратно пониски. Овие податоци во реално време, и како претходен запис, може да се погледнат во Цементарница УСЈЕ. Дополнително, технолошкиот процес на Цементарница УСЈЕ оневозможува работа на печките, без вклученост на филтрите. Производството автоматски запира доколку филтрите не работат.

Во 2019 година, согласно Интегрираната еколошка А дозвола, УСЈЕ започна со користење на алтернативни горива. Употребата на алтернативните горива спаѓа во групата на еколошки технологии. Ваквите технологии повеќе децении се користат во развиените индустриски земји и во Европската Унија и претставуваат едно од најефикасните решенија, покрај другото и за проблемот со ширењето на депониите за отпад. Во некои земји од Европската унија,  употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е над 50% од потребите за енергенси – Германија со 65%, Чешка 62%, Белгија 53%, Полска 52%, Шведска 48%. Генералниот просек во Европската Унија изнесува 41% (2017 година). Во УСЈЕ, моментално, од вкупната количина на енергенси што ги користиме, на алтернативно гориво отпаѓа 4%. Употребата на АГ е определена како Најдобра Достапна Техника со BREF документите и практично е обврска на секоја цементна фабрика.

Уште пред употребата на алтернативните горива во производството на компанијата, целиот процес беше јавно најавен, а сите заинтересирани фактори вклучувајќи ја и јавноста и граѓанскиот сектор беа во тек со сите аспекти на овој процес. Во таа насока беа направени серија презентации и јавни дебати на кои отворено се дискутираше за сите прашања. Горивото кое го користиме во Цементарница УСЈЕ е од типот РДФ (односно алтернативно гориво добиено од преработка на комунален отпад, по претходна селекција). Со оглед на фактот, дека во нашата земја, за жал, досега нема алтернативно гориво, овој тип на гориво го увезуваме, а истото подлежи на строга контрола од повеќе страни.  Дополнително на тоа, користиме и оризова арпа од земјава, која инаку се спалува на полињата или се депонира на непрописен начин.

Секоја споредба со инсталации кои се неодговорни и вршат какви било нелегални дејства или користат друг вид алтернативно гориво немаат никаква поврзаност со работењето на нашата фабрика.

УСЈЕ и понатаму останува отворена компанија и ги повикува сите заинтересирани страни да ја посетат во кое било време и да се запознаат со сите аспекти од нашето работење.

You might also like