Утре „Нови перспективи“ за УКЛО и пријателите со Отворен ден пред Офицерски дом во Битола
Под мотото „Нови перспективи“ Универзитетот Св. Климент Охридски-Битола, утре на 25 април од 12.00 до 19.00 часот на Платото пред Офицерски дом ќе го одржи својот Отворен ден.
Програмата се реализира со обединување на капацитетите и ресурсите на УКЛО, јавните институции, Локалниот економско социјален совет на Општина Битола, бизнис заедницата, Регионалната стопанска комора, граѓанскиот сектор и креативците во Битола. Оттука и најавената агенда на која ќе учествуваат бројни компании, организации и поддржувачи на битолскиот универзитет, под наслов „УКЛО и пријателите„.
„Концептот на Отворениот ден на УКЛО претставува успешен пример за партиципативен пристап и активно партнерство кое обезбедува овозможувачка околина за младите и студентите да останат во Битола и да ги стават на располагање своите вештини на локалната заедница.
Оваа заедничка акција поттикнува иницијативност преку обезбедување на можности за квалитетно образование, можности за личен и кариерен раст и развој преку користење на програмите за мобилност, програмите за неформално образование и програмите за стартапи, можности за доквалификација и преквалификација преку користење на програмите на институциите и граѓанскиот сектор. На овој начин обезбедуваме социјален дијалог заради создавање на услови за економска и социјална стабилност.
Поводот за ова обединување е 44 години од формирањето на Универзитетот „Свети Климент Охридски“.44 години подоцна, искуството и традицијата, ги фокусираме на нашите студенти, на младите, на обезбедување на квалитетно образование и квалитетен начин на живот во здрава околина„- изјавуваат од Ректоратот на УКЛО.
Овој Универзитет има специфична – хетерогена образовна понуда која што покрива најразлични научни дисциплини и едуцира профили компатибилни со барањата на актуелниот пазар на трудот. На 12-те единици на УКЛО и тоа десет факултети, една висока стручна школа и Научниот институт за тутун се реализираат преку 48 студиски програми за ПРВ циклус на студии (додипломски), 57 студиски програми за ВТОР циклус на студии (од кои 9 специјалистички) и 20 студиски програми за ТРЕТ циклус на студии (докторски). Во составот на УКЛО со статус на придружни членки се и две научно – истражувачки единици единствени од ваков вид во државата: Институт за старословенска култура – Прилеп и Хидробиолошкиот завод – Охрид, Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола и студентските домови во Битола и Охрид.
УКЛО располага со 26 лаборатории и повеќе центри наменети за реализација на научно-истражувачките, едукативни, кариерни и спортски активности на студентите и вработениот академски и административен кадар.
Концептот на следење на студентот, од запишување до вработување е еден од приоритетите на оваа постава на УКЛО, па така на утрешниот настан, МКЦ – Битола во соработка со Агенција за вработување и Регионална комора Битола организира поврзување на бизнис заедницата (промоција на отворени работни позиции) со невработени лица. Овој дел од настанот нуди информација, мотивација и можност за невработени лица од општина Битола да се поврзат, да аплицираат и да се вработат во брзорастечки компании, големи компании, мали и средни бизниси, иновативни бизниси и старт ап компании од една страна и компании кои имаат потреба од работници со стручни квалификации, кои нудат слободни работни места. Во овој дел повеќе од 20 компании ќе промовираат повеќе од 100 отворени работни позиции за различни профили на граѓани, преку познатата програма Ден на кариера.
Преда Плус Фондацијата ќе промовира програма за поддршка на стратапи во AgriTech i TourTech. Оваа програма е соодветна за УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ придонесува за мотивирање на младите да останат во Битола и да студираат на УКЛО, да се едуцираат, да започнат свој сопствен бизнис и/или да се вклучат во едукативни програми и да работаат на сопствениот кариерен раст и развој.
На настанот, ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка со БИМИЛК, компанија која стипендира студенти на УКЛО и со неколку организации со кои се продлабочува соработката. Настанот ќе биде и музички хепенинг на кој ќе настапат бројни битолски бендови и ДЏ-и, а Универзитетското радио УКЛО ФМ ќе емитува своја програма од самиот настан.
Навлегувајќи во петтата деценија од своето постоење, УКЛО сопствениот специфичен идентитет го афирмира низ синтагмата на отворен, флексибилен, интегриран и активен партнер во општествено-економските процеси, подготвен да се соочи со новите предизвици во образованието и науката, преку меѓународна перспектива.