Винаријата „Сковин Група“ со новата берба ја продолжува традицијата на производство на вино од Скопскиот регион
Винаријата „Сковин Група”, најновата странска инвестиција во винската индустрија во нашата држава, оваа година ја започна бербата за 2020 година со грозјето Шардоне од лозовите насади лоцирани близу Марков Манастир.
– Оваа винарија располага со 600 хектари на лозови насади, а оваа година ја почнуваме бербата со грозјето Шардоне од кое очекуваме доста квалитетно вино. Оваа година беше напорна и многу тешка за сите во винската индустрија, но почетокот на оваа берба која очекуваме да биде исклучително квалитетна, дава надеж за продолжување на приказната за вековната традиција на производство на вино од нашето Скопското виногорје. Сигурни сме дека оваа берба ќе биде плодна и нашата визба ќе продолжи со производство на високо квалитетно македонско вино со препознатливиот Сковин бренд во ново руво, велат од „Сковин Група“.
Традицијата на оваа винарија датира од 1979 година и е првенец во производство на домашно вино од Скопскиот вински регион, денес располага со капацитет од 17 милиони литри вино кое се пласира на домашниот и неколку интернационални пазари. Винаријата „Сковин Група“ продолжува една уникатна приказна со создавање на врвни вина, почитување на традицијата и негување на љубовта кон виното. Со новата берба и новите стратешки насоки на винаријата, очекувањата се да се продолжи пласманот на вината во регионот, на пазарот во Европската Унија како и на сите интернационални пазари, вклучувајќи најнови лансирања на вина во Азија.
– Виното го креира начинот на живот на луѓето, производството на вино е старо колку самата историја и наоѓа место во уметноста, литературата, религијата и митологијата. Нашата држава се истакнува во многу легенди, летописи и митови кои ја нарекуваат татковина на виното. Љубовта кон ова традиционално производство на виното е истрајна, постојана и ќе продолжи во иднина со посветената работа и континуирани инвестиции во квалитетот на лозјата, а со тоа и во виното, додаваат од винаријата „Сковин Група“.