Зајкова: ЛДП се грижи за поздрав живот на младите

Предлог- законот за субвенциониран студентски оброк кој го иницираше Либерално демократската партија ја доби неопходната поддршка во Собраниските комисии,  и се очекува на почетокот на наредната недела да биде усвоен на пленарна седница на Собранието.

Преку Законот за субвенциониран студентски оброк, кој што тимот на ЛДП го подготви врз основа на сличен проект што веќе со години функционира во Словенија, обезбедуваме  можност студентите за значително пониска цена да можат да се хранат кај регистрирани даватели на услуги, коишто ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк, вели Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.

Таа објаснува дека студентите од Министерството за образование и наука ќе добиваат финансиска поддршка во износ од 120 денари дневно, наменета за купување на приготвена храна.  На тој  начин се обезбедува финансиска поддршка, но и поквалитетен и поздрав живот за младите во периодот на студенстките денови.

– Согласно предложеното законско решение право на субвенциониран оброк ќе имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирани во системот, по пат на посебна пријава која студентот ќе ја поднесе при запишување во тековната академска година , а кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната нето плата во Републиката за тековната година, дополнува Зајкова.

Оваа можност студентите ќе имаат право да ја користат од понеделник до петок од осум часот наутро до 20 часот навечер.

– Морам да истакнам дека значењето на овој проект го препознаа и Владата којашто даде позитивно мислење за ова законско решение, но и пратениците од сите пратенички групи кои на комисиските седници во Собранието го поддржаа предлогот на ЛДП и дадоа свој придонес во подобрување на содржината на истото. ЛДП се грижи за развојот и иднината на нашата младина. Студентите се нашата иднина и заслужуваат да ги имаат истите придобивки и истите услови за студирање како нивните врсници во Европа, завршува Зајкова.

You might also like