Зајкова: На повидок е прифатливо решение за државната матура, на потег се Средношколската унија, Владата и МОН
По собраниската дебата со средношколците за Концептот за полагањето на државната матура, наметнавме две предлог решенија кои беа изложени пред средношколците, а во писмено образложена форма ќе бидат испратени и до Министерството за образование и наука и Владата, за кои се надеваме на позитивен одговор, посочи пратеничката од редовите на ЛДП, Mоника Зајкова.
– Ова нека биде светол пример за заемно и компромисно решавање на општествените проблеми со кои секојдневно се соочуваме. Денес во Собранието се слушна гласот на средношколците, се дебатираше на една од најважните теми за нив – концептот на полагање државна матура, а низ дебатата се наметна оптимално решение кои се надеваме е прифатливо за учениците, а веруваме и за Средношколската унија, Министерството за образование и наука и Владата, истакнува пратеничката Зајкова.
Предност на ова, меѓу другото, е и фактот што за истото не се потребни законски измени туку измена на правилникот за полагање на државната матура порача таа. Овогодишните матуранти бараат прилагодување на моделот за полагање матура кон евидентните проблеми предизвикани од изменетата настава поради Ковид кризата.
– Предлогот опфаќа егзистирање на две опции, првата опција претпочита матурантите, од предвидените четири предмети, да ги полагаат само двата екстерни предмета, додека за интерните предмети да им биде впишана просечната оценката од четиригодишното школување.
Другата опција опфаќа да се полагаат 2 екстерни предмети како што бараат матурантите и два интерни предмети, но со соодветно скратен обем за двата интерни предмети. Скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради Ковид кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и како што тврдат средношколците поради оскудните техничките услови на дел од нив, додаде Зајкова.