Зајкова: За никој од нас не треба да е дозволиво еден судски предмет да трае повеќе од животниот век на граѓанинот
Добро е да има јавна дебата за уставните измени да се видат аргументите, за или против, потенцирам аргументите а не гола политика. Притоа не треба да занемариме дека како политичари имаме одговорност да носиме одлуки кои што ќе значат напредок и развој на државата. Затоа што ако не се носеа такви одлуки, денес ќе го немаше ниту рамковниот договор кој обезбеди мир, ќе го немаше ниту договорот од Преспа кои не направи членка на НАТО ниту други одлуки. Лично јас сум подготвена да понесам политичка одговорност за донесена одлука, само ако таа одлука обезбеди развој на државата и се покаже дека била во интерес на граѓаните, рече пратеничката и лидерката на ЛДП Моника Зајкова во вечерашното гостување на Алфа во дебатната емисија „За или против“.
– Кога говориме за јазикот треба да говориме дека имаме чиста формулација на јазикот и дека потпишавме договорот Фронтекс кој што чинам дека опозицијата не го ни гласаше, важен е реципроцитетот, но за мене е поважно да бидеме реципрочни во Европа со европските граѓани, отколку само во Бугарија. Има и колеги кои што доаѓаат од опозицијата а се согласни дека треба да бидеме во процесите на носење одлуки, а не надвор да седиме и немо да ги набљудуваме. Кажете ми кои се алтернативите и дали тоа е тапкање во место како во изминатите 30 години, додаде таа.
Зајкова вели дека не се води од бугарската реторика туку врз основа на самоопределување и лични сознанија за историјата на вистината и интересите на Македонија.
– Хрватска го промени својот устав и ги внесе Македонците во него, зошто и ние да не ги внесеме и Хрватите, Бугарите како дел од народ, па и Евреите и Торбешите и сите останати кои што како малцинство живеат и работат во земјава. Не кажувам дека со промена на уставот, како со магично стапче ќе се реши се, тоа би значело лажење на народот. Бугарија може и да не престане со нивната реторика, но наше е да ги водиме процесите кои што значат напредок на патот кон ЕУ што значат отворање на преговори по поглавја без политичка одлука и можност некој да стави вето на тој почеток, вели Зајкова.
Според Зајкова креатори на јавното мислење сме сите и власта и опозицијата, а секој пратеник носи одлука која што смета дека е од интерес на граѓаните и согласно неговата визија за развојот и иднината на државата.
– Ние треба да бидеме свесни дека треба да носиме одлуки дека граѓаните не избрале да носиме одлуки кои носат развој на државата, а не тапкање во место. Затоа напоменав, јас, го почитувам јавното мислење, но ако исклучиво се водевме изминативе години од само јавното мислење, а не од тоа што е интерес на државата и не носевме одлуки од кои граѓаните години подоцна ги чувствуваат конкретните бенефити и поволности, можеби се уште ќе бевме во некоја поранешна федерација, вели Зајкова.
Според неа има одлуки кои што оваа држава треба да ги почитува а се донесени од страна на европскиот суд, има одлуки кои тој суд ги донел и Бугарија треба да ги почитува. Процесите треба да се водат истрајно и одговорно за да дојдеме до конкретна цел и резултат кој што го посакуваме, а не цело време да будиме некакви негативни емоции, за тоа како е, граѓаните се тие што ќе кажат на избори.
– Ќе следат редовни избори, бидејќи се наметнува една негативна пракса во Македонија постојано трчање на предвремени избори само за некој да седне во фотелја. Поддржувам апсолутно дека не се само уставните измени прашања во Македонија тема која што треба да се решава и дискутира, ние имаме многу прашања кои треба да ги решаваме а ќе обезбедат подобар квалитет на животот за секој граѓанин и затоа напоменав дел од иницијативите кои ЛДП планира да ги преземе во периодот кој што следи и да ги процесира до парламентот а за кои очекуваме поддршка, додава таа.
Според Зајкова перцепцијата за Собранието е таква затоа што кога ќе ја видите и реториката внатре најчесто се сведува на лични навреди, дискредитација и политиканство, а не на креирање на конкретни политики и мерки.
– Нема да зборувам за пратеник плус, но ќе говорам зошто ЛДП остана во рамки на оваа коалиција тоа е затоа што примарно за оваа коалиција е борбата против корупцијата и реформите во правосудниот систем и тука ќе понудиме и како партија решенија кои се однесуваат на измени на кривичниот законик особено во делот на застареност на казнените дела, на делот кои што ги таргетира судскиот совет, дисциплинската и кривичната одговорност на судиите, затоа што за никој од нас не треба да е дозволиво еден судски предмет да трае повеќе од животниот век на граѓанинот, вели таа.
Целата емисија во прилог: https://www.youtube.com/watch?v=Sf2prJuHDjA