Платформата Терапија ќе ја промовира независната културна и клупска сцена во Македонија
Терапија претставува платформа чија цел е креирање на простор за развој на независна културна и клупска сцена. Македонија отсекогаш имала вибрантна клупска сцена која била на рамниште со сцените во регионот и Европа. Клубовите беа витални места на поврзување, ослободување и задоволства.
– Ние, креаторите на платформата Терапија силно веруваме дека истата енергија може да се постигне доколку се вложи во промена и адаптирање на новата ситуација. Пандемијата физички нè оддалечи, но виртуелниот простор има потенцијал да ги надминува овие предизвици. Терапија е место на кое ќе се поврзуваме едни со други со цел заживување и развој на електронската музичка заедница. Ги насочивме нашите погледи кон иднината додека ги негуваме корените во минатото за да ги споиме новите технологии со уметноста, да ги активираме нашите тела и критички го ангажира умот. ТЕРАПИЈА ве повикува на колективно дејствување со цел спас на нашата сцена, велат од тимот на Терапија.
Тие потенцираат дека куќните правила на Терапија треба да се почитуваат и за нив неприфатливи се расизмот, хомофобијата, трансфобијата и сексизмот во нивните клубови и нема да бидат толерирани како дел од ова нивно виртуелно дружење. Почитта кон другиот е нивен врвен императив, а говорот на омраза, малтретирањето и вознемирувањето се најстрого забранети.