Зајкова: Бугарија морално и правно ги повреди обврските од Договорот за добрососедство

Ставот на пратеничката и потпретседателка на ЛДП за ветото од Бугарија на Македонија ви го објавуваме во целост:

Почитувани,
Денешното очекувано вето од страна на Р. Бугарија, правно и морално ги повреди обврските од Договорот за добрососедство и пријателство, блокираќи го со тоа патот на нашата европска интеграција за која како држава ги исполнивме сите услови.
Иако ова на среден рок можеби претставува голема загуба, сепак денеска, нашата држава не доживеа пораз, туку неправда!
Поразени се европските вредности, принципи и пријателството меѓу две соседни земји чија меѓузависност е од регионално и стратешко значење.
Ниту една држава нема право да стави вето на перспективата на друга, засновано на нерационални барања за кои повеќе треба да зборуваат фактите и аргументите, а многу помалку политиката и национализмот.
Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределување на друга земја и да ги нарушува принципите на кои се темели идејата за Европска Унија.
Ниту еден билатерален спор не смее да биде основа за нарушување на европските принципи.
Ниту еден неразумен спор не смее да биде причина за нарушување на добрососедските односи и пријателството меѓу два народи, особено за прашања кои го допираат идентитетот и за кои едноставно не може да се преговара.
Сепак сметам дека како земја, ваквата постапка на Бугарија, не смее да не демотивира и да не пасивизира во заложбите да работиме на себеси, подобрувајќи се како држава. Напротив!
Да бидеме проактивни и да продолжиме со спроведување на домашните реформи кои ќе значат можност за побрзо не само отворање, но и затворање на поглавјата кои ќе ни претстојат.
Воедно апелирам до МНР, да продолжи активно да работи во изнаоѓањето на решение за ваквиот билатерален спор, користејќи ги сите капацитети и механизми кои стојат на располагање на нашата држава.
Нашите партнери во ЕУ мора во иднина да изнајдат механизам за изолирање на националистичките политики, осудувајќи ги и спречувајќи ги на самиот нивен зачеток. Не смее повеќе принципот на едногласност да биде предмет на злоупотреба кога станува збор за важни одлуки кои се носат во Унијата.
Наша стратешка цел и врвен национален приоритет останува членството во ЕУ притоа почитувајќи дека македонскиот идентитет и национална посебност се веќе одамна реалност.
p.s.
Опозицијата час поскоро да ја сфати и својата одговорност во државата и наместо поразот на европските вредности, да го воспева како своја победа, веднаш да се вклучи со конструктивни политики во изнаоѓање на решенија за надминување на спорот. Кога се во прашање националните интереси мора сите да сме обединети.
You might also like