Маџов: Младите ентузијасти од Тетово и Гостивар, стартап заедницата само ќе ја зацврстат на мапата во светот
Претприемачкиот карактер ги мапира Тетово и Гостивар во категоријата на градови со голем потенцијал за развој на стартап бизниси, рече Игор Маџов, ко-основач на Стартап Македонија, на денешниот хибриден караван.
– Искрен да бидам, со вакви ентузијасти на млади и во Тетово и во Гостивар, стартап заедницата само ќе ја зацврсти на мапата во светот по развој на нови компании со иновации. Ако дигиталната платформа брои 120 регистрирани стартапи и 40 подржувачи организации, очекувам да се дуплира в година. Дефинитивно преку неа директно имаме целосно поврзување на сите учесници на екосистемот и стартап заедницата со тоа што тоа ќе значи заеднички чекор за успех и до светскиот пазар, вели Маџов.
Дискусијата за дигиталниот екосистем се одржа во Тетово, поточно во Технолошкиот Парк при Југоисточен Универзитет и Гостивар во седиштето на Ко-Ворк, каде активно се дебатираше за можностите, проширувањето и надоградување на стартап заедницата во Македонија.
– Ние како SEEUTechPark целосно ја поддржуваме и поздравуваме оваа платформа, која во огромна мерка ни го олеснува секојдневното работење со иновативните стартапи со висок потенцијал. Дигиталната платформата на Стартап Македонија е одлична алатка за спојување на потребите на стартапите од една страна, и продуктите и услугите на нас како провајдери од друга страна. Виртуелното спојување нуди одлични можности да ги пребараме стартапите кои се заинтересирани за нашите услуги и на кои во зависност од критериумите – можеме да им понудиме соодветни решенија скроени токму за нив. Нашиот Технолошки Парк веќе ги увиде првите придобивки од платформата во форма на клиенти за двете наши уникатни, и воедно најбарани услуги, а тоа се: интелектуалната сопственост (IP) и вреднувањето на стартапи, изјави Гого Рафаjловски, извршен директор на Технолошкиот Парк при Југоисточниот универзитет Тетово.
Рафајловски отворено ги покани сите заинтересирани стартапи од Полошкиот регион, но и провајдерите на услуги да се регистрираат на платформата, за да можат да имаат поширок преглед на се она што го нуди македонскиот стартап ексостем.
По активна дискусија, тимот на Стартап Македонија се упати во Гостивар, ви модерниот иновативен простор за млади претприемачи.
– CoWork Гостивар е модерен и иновативен простор наменет специјално за поддршка на млади претприемачи, како и оние кои работат од далечина за различни компании. CoWork ги мотивира младите претприемачи да направат чекор напред во нивните професионални кариери. Членови на просторот можат да бидат од различни професии, како што се правници, сметководители, маркетинг менаџери, архитекти, фотографери, видео-едитори, консултанти, како и струки кои се тесно поврзани со дигиталните трендови. Долгорочна одржливост на проектот ќе се обезбеди преку симболична членарина што ќе се плаќа за користење на просторот, како што се: приватна маса, оптички интернет, електрична енергија, сала за состаноци, кујна, одржување, печатење, лична фиока, изјави Локман Муслиу ко-основач на CoWork.
Од тимот на Стартап Македонија беа фасцинирани од младите во двата града и како напредуваат стартап компаниите.
Дигиталната екосистем платформа и караванот во 5 града се изведени со поддршка на долготрајните партнери УСАИД во склоп на проектот за развој на деловниот екосистем.