Милевски: Св. Еразмо станува современ центар за физикална терапија, обезбедивме средства за реновирање и нова опрема
Со нова опрема и реновирање специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо во Охрид ќе прерасне во современ центар за физикална терапија, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски посочувајќи дека ова е единствената болница во Југозападниот плански регион од овој домен, но исто така е и единствената болница која е специјализирана во делот на ортопедија и трауматологија на ниво на цела држава.
– Во моментот овој центар не функционира со полн капацитет односно не функционира базенот и делот за хидротерапијата поради високите трошоци за загревање на базенот. Бидејќи хидротерапијата е многу значаен дел од физикалната терапија за комплетна рехабилитација на пациентите, со проектот се предвидува реконструкција на постоечкиот базен за физикална терапија, со градежни зафати за енергетска ефикасност, вградување на инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, опремување на центар за физикална терапија со сите потребни помагала за корисниците/пациентите и обезбедена одржливост на проектот со соодветно и правилно одржување на реконструираниот објект. Овој проект е доказ дека заедно со Швајцарската влада се грижиме за граѓаните преку инвестиција во здравството, појасни министерот.
Според Милевски, Министерството за локална самоуправа преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди 8 милиони денари за проектот во рамките на развојни цели на Југозападниот плански регион, придонесува кон подобро искористување и зајакнување на расположливите човечки, материјални и природни ресурси, подобрување на условите на сите граѓани преку системско и институционално содејство во функција на побрза рехабилитација, поквалитетно живеење и развивање на механизми за социјално вклучување на ранливите групи од регионот.
– Овој проект е од огромно значење, реконструкцијата ни беше неопходна, како за пациентите од сите возрасти, долго време овој базен не беше во функција и наскоро ќе биде готов, ќе може да се користи за кој е наменет, поточно за пациентите пред и пост оперативно, за нивна рехабилитација. Капацитетот на Св. Еразмо е 150 кревети но редуцирани сме заради пандемијата. Со планираните промени ќе се намали времето за престој во болницата и времето за рехабилитација на пациентите, ќе придонесе за намалување на деформитетите на децата во раст кои ќе користат физикална терапија со што ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата за сите граѓани во регионот вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, стари и изнемоштени лица, деца во раст и развој, вели директорот на Св. Еразмо примариус д-р Ацо Велески.
Една од најважните придобивки е зачувување на животната средина и заштедата на електрична енергија за 50 проценти за што ќе бидат поставени 46 соларни панели.
– На Форумот на заедниците идентификувани се потребите во овој регион, така што овој проект беше потребен и прво рангиран. Проектот опфаќа, три фази кои треба да се реализираат до април, така што веќе се работи и сме во првата фаза, така што очекуваме на пролет да се пушти во употреба и овој дел од болницата, додаде директорката на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска.