Пенов: Се поважна станува улогата на општините во процесот на интегрирање на земјава во ЕУ
Подобрувањето на системот на локалната самоуправа е обврска на Министерството за локална самоуправа, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на годишната конференција за децентрализација и локално управување „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“.
– Треба посериозно да се работи на зајакнување на капацитетите на локалната администрација, затоа што секој јавен повик за проекти покажува дека тоа во наредниот период ќе биде нашиот најголем предизвик, додаде тој.
Според него локалната самоуправа е најдинамичниот, најжив сегмент од политичкиот систем, затоа што е најблиску до граѓаните.
– Имаме висок степен на децентрализација на надлежности, локалните власти имаат големи одговорности. Секаде во секоја општина главна тема се финансиските ресурси, проблемите предизвикани со цената на струјата, како да се сервисираат училиштата, детските градинки.
И верувам дека на локалните власти не им е лесно да се справат со последиците, како што не и е лесно ниту на Владата, рече тој.
Пенов истакна дека се бара начин како оваа година средствата од буџетот, но и од донаторите да се насочат кон проекти кои што ќе им помогнат на општините да бидат енергетски ефикасни и да заштедат енергија.
– Фискалната децентрализација исто така ќе помогне да се зголемат приходите од ДДВ и од персоналниот данок, се воспоставуваат нови механизми – фонд за воедначување и фонд за перформанси. Но, паралелно и општините треба да покажат резултати во наплатата на данокот на имот, додаде Пенов.
Според него во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ улогата на општините станува се поважна. Тие се клучни субјекти во регионалната политика на ЕУ.
-Сега за општините директно се достапни средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка. Минатата недела го најавивме почетокот на ИПА 3 Програмата меѓу Северна Македонија и Бугарија и нови 31 милион евра за проекти за двете држави кои што се имплементираат во општините. Преку апсорцијата на ЕУ фондовите ќе ја покажеме нашата подготвеност за интегрирање, но ова е и можност со средствата од Европската Унија да ги решаваме проблемите, да ги подобруваме работите, истакна Пенов.
Тој додаде дека во вториот ИПА Програмски период во општините се имплементирани над 200 проекти за прекугранична соработка.
На сесијата за локален развој – Предизвици и можности во време на криза, клучни наоди од Извештајот за човековиот развој 2022 на УНДП и влијанието на повеќе димензионалната криза врз локалните самоуправи присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, министерот за економија Фатмир Бесими, претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалници, експерти и други учесници.