Грковска: Заеднички да се справуваме со дезинформациите, јакнењето на медиумската писменост и критичкиот ум се клучни во овој процес

„Кога зборуваме за дезинформациите, како општествена појава во комуникацискиот свет, не само кај нас, туку секаде во светот, целосно се согласувам дека таа е тесно поврзана со транспарентноста на институциите и дека унапредувањето на транспарентноста на институциите е една од алатките за справување со дезинформациите. Но, исто толку е важна е и подготвеноста на медиумите и на граѓаните да ги препознаат и да им се спротивстават на лажните вести”, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на Конференцијата на тема „Справување со дезинформациите преку поголема транспарентност на институциите“, во организација на Институт за комуникациски студии.

Вицепремиeрката Грковска потенцираше дека е од клучно значење целосното, навремено, точно и објективно информирање на јавноста, со цел зголемување на контролата врз работата на институциите, посочувајќи дека Владата од 2017 година до денеска интензивно работи на унапредување на транспаретноста.

Таа додаде дека и Стејт Департментот ја вбројува македонската Влада меѓу земјите кои се фискално транспарентни, додека според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации, Владата од една затворена институција со само 25 поени во 2016 година, денес во 2022 година се искачи на првата позиција со активната транспареност од 100 проценти.

„Сите ние мора заеднички да работиме и заеднички да се справуваме со дезинформациите како негативна појава. Бидејќи одговорноста е заедничка. Таа не може да се лоцира само кај Владата, ниту пак да се аргументира само со степенот на транспарентноста на Владата и на државните институции. Важно е да се работи на унапредување на медиумската писменост, да го развиваме критичкиот осврт на вестите што граѓаните ќе ги прочитаат. Само на тој начин ќе изградиме стабилен и силен одбранбен механизам на дезинформациите, преку критички осврт, преку преиспитување на информациите, преку барање на втора, па и на трета страна. Тоа можеме да го постигнеме само со градење на медиумска писменост кај сите нас”, додаде вицепремиерката Грковска.

You might also like