Секретаријатот за европски прашања ја зајакнува улогата на медиумите во процесот на преговори
Денеска Секретаријатот за европски прашања, во рамките на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, организираше тркалезна маса/дискусија на тема: „Улогата и важноста на медиумите во процесот на интеграција во ЕУ – партнерство, транспарентност и одговорност“, на која свој поздравен говор имаше државната секретарка и заменик главен преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу- Халили и Микаел Атерхог, раководител на развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија.
Абдиу-Халили во своето обраќање го истакна значењето на медиумите и медиумското известување во рамки на процесот на преговори со Унијата и потенцирајќи на важноста на овој државнички проект да стане поблизок до граѓаните и поразбирлив.
– Европската интеграција во моментов е најголемиот и најважниот македонски проект, но многу важно прашање е како овој процес да стане приоритет за граѓаните. Тука улогата на медиумите е и ќе биде од непроценливо значење, бидејќи новинарите имаат моќ да го доближат процесот до граѓаните и да презентираат успешни приказни, посочи Абдиу- Халили.
Во обраќањето рече дека улогата на медиумите како главен канал за комуникација, со примарна задача да ги информираат граѓаните за активностите на домашните и европските институции во текот на пристапниот процес има големо значење, но на некој начин и задача не само да ги информираат, туку и да ги едуцираат граѓаните за различните аспекти на Европската Унија.
– Моќта во едно демократско општество треба да потекнува од граѓаните и затоа главниот предизвик со кој се соочуваме е да ги обезбедиме граѓаните со правилни и квалитетни информации, за да можат да носат одлуки базирани врз точни информации. За тоа неопходно е да се создадат услови за отворен дијалог преку европеизација на јавниот простор, во кој, покрај медиумите, ќе бидат вклучени и другите актери на овој процес, како што се политичките партии, Владата, академската заедница и граѓанскиот сектор, истакна Абдиу Халили.
Државната секретарка и заменик главен преговарач со ЕУ порача дека медиумите отсекогаш биле партнер во информирањето на јавноста, а овој државнички проект ќе придонесе за уште поблиска соработка со оглед на важноста на евроинтеграциските процеси за целото македонско општество.
Таа во работниот дел од настанот направи преглед на тековниот скрининг процес, комуникација на процесот на интеграција во ЕУ и соработка со медиумите, а на темата: „ЕУ и Северна Македонија, важноста на процесот и разбирање на техничките аспекти и улогата на медиумите“ свое експертско излагање имаше и Драган Тилев, државен советник во Секретаријатот за европски прашања.
Секретаријатот за европски прашања ја препознава улогата на медиумите и потребата за воспоставување на одржливо партнерство засновано на транспарентна работа како и одговорно известување. Еден од клучните предуслови за ширење на релевантни и квалитетни информации до јавноста е зајакнувањето на капацитетите на новинарите, за да се овозможи рамномерно и длабинско покривање на процесот, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
Овој настан имаше за цел да ја зајакне соработка меѓу Владата и медиумите со оглед на важноста на евроинтеграциските процеси за целото општество на Северна Македонија, а главната цел е да се продолжат напорите за воспоставување на одржливо партнерство засновано на транспарентна работа како и одговорно известување.