„Зимската приказна“ во Битола заврши на врвот на Пелистер
Битолската „Зимска приказна” започна со настап на многу наградуваниот танцов клуб Expose на 24 декември, во новогодишната ноќ кулминираше со настапот на битолчанецот со светска музичка кариера Исмаил Лумановски придружуван од Љубојна, а заврши со првото изгрејсонце во Новата Година на Пелистер
Симболично, со изгрејсонцето на првиот ден од новата 2023 година на врвот Пелистер заврши празничната „Зимска приказна“ во Битола, која беше своевиден претпразничен фестивал кој траеше осум денови.
Шеесет планинари своето новогодишно зимско искачување „Први на 1-ви” го започнаа од платото пред Офицерскиот дом, кое во декември беше претворено во празничен плоштад каде се одвиваа сите настани.
На еден час пред полноќ планинарите со музика и аплаузи беа испратени во својата прва акција – зимското искачување на Пелистер во новата 2023 година.
„Зимска приказна“ започна на 24 декември Битола со детски претстави, концерти на бендови, празничен базар, улични перформанси и ДЏ сетови кои доминираа во осумте денови континуирана програма на “Зимска приказна” – празничен фестивал кој минатата година го иницираше Општина Битола, а оваа година со уште пообемна програма и на повеќе локации.
62 проекти, распоредени во 300 часови активна програма распоредена во официјалната програма која годинава се случува на празничниот плоштад пред Офицерски дом и во Старата битолска чаршија.
ОФФ програмата, пак имаше улични музички перформанси на Широк Сокак и пратечка ДЏ програма низ битолските кафулиња.
“И покрај големите предизвици со кои сме соочени, од аспект на економската и енергетската криза, успеавме да овозможиме како што се практикува на нашите простори, градот да блесне во новогодишен сјај, во пресрет на Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, или како што вели традицијата: новогодишната магија да владее во периодот на големите празнувања од „Свети Никола“, до „Водици“, што претставува доволно време за да се почувствува радоста во градот, а притоа да дејствуваме согласно ограничувањата кои ни ги наметнува состојбата на кризата. Овој проект го реализираме со поддршка на локалните компании кои и минатата и оваа година ја подржуваат Зимска приказна, зошто заедно проценивме дека таа е веќе туристички производ кој привлекува гости од соседните градови кои доаѓаат на бесплатните концерти и пратечка забава која ја организираме, а градот и сите бизниси во него имаат бенефит од бројните посетители”-истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на почетокот на овој настан. Тој беше со своите сограѓани и во деновите на фестивалот и во новогодишната ноќ.
Сите изведувачи и учесници беа локални уметници, а илјадници битолчани во публиката беа причина градот Битола да живее претпразнично во посебен амбиент.
„Сите ангажирани учесници беа избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа.
На овој настан можност за промоција имаа и малите бизниси како што се занаетчиите, како и селектирана угостителска понуда и анимација со цел да се промовираат нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење. Битола од минатата година, конечно доби настан кој ја направи културно жива и во зима” истакнаа организаторите.