Центар за климатски промени: Бизнис заедницата има клучна улога во заштитата на животната средина
Поттикнување одржливи начини за работа во новата дигитална ера – „Fostering sustainable ways to work in the new digital era – SustainABLE“ e проект на Центарот за климатски промени како одговор на Зелениот договор на ЕУ за справување со климатската криза. Кога станува збор за заштита на животната средина, намалувањето на јаглеродниот отпечаток како и ефикасното користење на природните ресурси, бизнисите имаат клучна улога. И тоа не само затоа што значајно влијаат врз состојбата на животната средина туку и затоа што имаат можност за создавање и примена на иновативни решенија за промена на континуираното уништување на екосистемот. За таа цел, сè повеќе компании од бизнис секторот се обврзуваат да го намалат нивното влијание врз животната средина, преку создавање одржливи екопрактики на работните места.
„Под одржливи практики на работно место се подразбира примена на различни видови мерки кои може да се преземат од страна на компаниите со цел намалување на јаглеродниот отпечаток и негативното влијание врз животната средина, воедно и намалено трошење на ресурсите. Секој ден, се повеќе компании почнуваат да прифаќаат одржливи работни практики, не само за да ја исполнат својата корпоративна општествена одговорност, туку и затоа што постојат одредени придобивки во поглед на работата, како што се намалените оперативни трошоци, подобрено здравје и благосостојба на вработените, а воедно и позитивно влијание врз крајните резултати од работата на самата компанија“, вели Сандра Стојковска, проектна координаторка на проектот „SustainABLE“.
Таа додава дека по усвојување на Зелениот договор на ЕУ за справување со климатската криза во 2019 година, а потоа и потпишување на договорот за Зелена Агенда за Западен Балкан, сите анализи и научни истражувања покажуваат непосредна потреба за промена на однесувањето, намалување на еколошкиот и јаглеродниот отпечаток, како и зголемување на потребата за промена на начинот на водење на бизнисите. Оттука произлегува и потребата од повисока посветеност и сериозност за спроведување на целите на Зелениот договор и Зелената агенда. Но, напорите за креирање на соодветните политики за стимулирање на овие измени кон зелена транзиција не е доволна само од страна на ЕУ и Меѓународната заедница, туку потребна е поддршка и од граѓаните, организациите, компаниите.
„Проектните активности ги започнавме во ноември 2022 година, додека пак крајот и резултатите од овој проект се очекуваат во месец април 2024 година. Со цел добивање на очекуваните резултати планирано е спроведување на соодветни активности донесени во рамките на проектот. Реализација на сите предвидени активности би довела до посакуваните крајни резултати, односно успешно промовирање на најефикасните практики кои може да се применуваат на работните места базирани на клучните принципи за одржливост, како и изградба на капацитетите на НВО и ГО кои би се придржувале до соодветниот развиен Водич и Патоказ SustainABLE“, додава Стојковска.
Според неа, моментално е во тек спроведување на првата активност – Анализа на подготвеноста на главните чинители и корисници на проектот, која ќе обезбеди основа за спроведување на понатамошните активности. Реализацијата на оваа активност ќе овозможи информативен преглед на досегашните познавања на граѓанските организации во поглед на одржливите работни практики и принципи. Следна активност која директно ќе допринесе за постигнување на целите на проектот е развивање на водич за одржливи практики на работното место, прилагоден за граѓанските организации. Водичот ќе вклучува и патоказ и тие ќе бидат како воведен дел од пошироката програма за обука како следна активност, со цел да се подигне свеста за придобивките за можна зелена дигитална транзиција кај граѓанскиот сектор, планирано е да се спроведат пилот проекти и соодветни студии на случај.
„Целта на проектот е воведување на одржливи работни практики, преку промена на однесувањето на луѓето кои работат во граѓански организации, но и преку подигање на свеста и развивање на квалификации за спроведување на одржливи работни практики засновани на клучните принципи за одржливост како што се циркуларна економија, енергетска ефикасност, одржлива храна и мобилност, работа од дома. Преку ваквите активности особено во новата дигитална ера ќе се овозможи зелена дигитална транзиција која директно ќе придонесе кон намалување на CO2 емисиите и минимизирање на јаглеродниот отпечаток“, истакнува Стојковска.
Центарот за климатски промени, лидер на проектот и проектните партнери „BICC Sandanski“ од Република Бугарија и „Геосфера Битола“, а финансиран од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, преку програмата Еразмус +.
Воедно, целите и проектните активности согласно проектот „SustainABLE“ даваат основа за поврзување со некои од Целите за одржлив развој на Обединетите Нации (SDGs).