Зајкова: Правдата но и казната треба да бидат достапни за сите
Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик поднесе Либерално-демократската партија, а со измените, кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност, особено од избраните и именувани лица нема да застаруваат лесно, рече пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова.
– За да не остане правдата заглавена во судските фиоки, криминалците злоупотребувајќи ги сите лавиринти ги доведоа своите недела до застарување. Либерално-демократската партија не останува само на зборови, осуди, вознемиреност или разочараност. Со предлог законското решение периодот на апсолутната застареност се зголемува за една третина од моментално пропишаната, односно застареност на кривичното гонење. Воедно се подигнуваат и роковите на релативна застареност на казнивото дело, а се предвидува и преодно решение за одлика, а постои веројатност да застарат, додаде таа.
Според Зајкова со донесувањето на законот ќе се спречи застареност на одредени кривични дела кои се однесуваат на службената положба, за кои во праксата се почесто се поведуваат судски постапки, а кои од друга страна начесто поради одолговлекување или одложување на постапката наместо со казна завршуваат поради застареност. Со тоа ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото.
– Македонија според Уставот е правна држава, законите мора да важат за сите подеднакво и никој не смее да биде над законот ниту над правдата. Затоа правдата но и казната треба да бидат достапни за сите, и никој кој се огрешил од законот не смее да помине неказнето. Поради истекување на законските рокови на предметите без правосилна пресуда и настапување на апсолутна застареност се спасија симболите на криминогеното политичко подземје. Секој според закон ќе си го добие заслуженото. Позитивни ќе бидат импликациите со враќање на довербата на граѓаните дека правда мора да има за сите и сликата за Македонија во демократскиот свет, вели Зајкова.
Таа додаде дека за Буџетот нема да има финансиски импликации, но ќе има за криминалците, кои досега успеваа, потсмевајќи се да jа избегнат правдата.