Зајкова: Пратениците да одлучат на чија страна се, на граѓаните или Банките? – Итно да се донесат измените на Законот за платежни услуги
Четири месеци е заглавен Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи во Собранието, во рамки на 120-тата седница, вели претседателката од ЛДП Моника Зајкова.
-На 12 јули пратениците на Либерално-Демократска партија и Левица, поднесовме предлог за изменување на овој закон. Предлогот треба да биде разгледан во Комисија па да следи дебата на пленарната седница. Токму затоа испраќам порака до сите пратеници да одлучат на чија страна се, на граѓаните или на банките. Во нашиот стремеж за правична финансиска иднина за сите граѓани, ги повикуваме и останатите пратеници и партии да ја дадат својата поддршка на овој предлог-закон и да ги разгледаат овие измени. Сите сме сведоци на високите трошоци и провизии како на пример за одобрување кредити, одржување на сметки, провизиите за проверка на трансакциска сметка, па дури и повлекувањето пари од друга банка, доколку е различна од банката депонент на граѓаните. Од друга страна сведочиме и на енормните профити на банките, посочува лидерката и пратеничка Зајкова.
Таа додава дека иако овие прашања се дел од интерната политика на банките, сепак потребно е законска регулираност бидејќи станува збор за остварување на огромен профит. Со предложениот закон не се обезбедува само финансиска праведност, туку и поправедно и урамнотежено општество во целост.
-Банката не смее да наплаќа надоместоци за затворање на платежната сметка, ниту, пак, надоместоци за затворање дебитни или кредитни картички, доколку рамковниот договор којшто го има граѓанинот со банката е постар од шест месеци. Банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот, појаснува таа.
Според Зајкова со Измените на Законот за платежни услуги и платни системи се воведува уште едно системско решение, поточно да не се наплаќа услугата за онлајн плаќања, проверка на состојба на трансакциска сметка, намалена провизија за повлекување пари од банкомат на друга банка, блокирање и деблокирање на сметка по основ на извршни решенија, намалување на трошоците за административни трошоци за одобрување кредити, картички итн. Исто така кога една сметка ќе биде прогласена за неактивна од страна на Банката, тогаш банката не смее понатаму да наплатува никакви надоместоци од таа сметка, односно паричните средства се заштитени, а банката е должна да пресметува камата на позитивното салдо во согласност со договорот.