Пенов: Имплементирани се 20 заеднички проекти во вредност од 10 милиони евра финансирани од ИПА Програмата на Европската Унија
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска во Тирана оствари работна средба со националниот ИПА координатор, директорот на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош на Република Албанија, Илир Беќај.
На состанокот беше истакната важноста од продолжување на добрата соработката меѓу земјите и институциите во процесот на евроинтегрирање.
Министерот Пенов истакна дека Република Северна Македонија и Република Албанија истовремено ги отпочнаа преговорите за членство во Европската Унија и взаемната поддршка во овој процес е од важност и за двете земји.
– На состанокот се разговараше за продолжувањето на ИПА прекуграничната соработка во третиот програмски период до 2027 година, како и за начините за надминување на предизвиците за поефикасно управување со Програмата и со средствата кои што се ставени на располагање од Европската Унија. Исто така, беше изразено задоволство од реализацијата на расположливите средства од ЕУ во вториот програмски период од 94%, во кој се финансирани 20 заеднички проекти во вкупна вредност од 10 милиони евра. За наредниот програмски период, за заеднички проекти од ИПА програмата на ЕУ за Северна Македонија и за Албанија се планирани вкупно 13.8 милиони евра, од кои 11.9 милиони се од Европската Унија, а останатите се средства од националните буџети за кофинансирање на проектите.- истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Средствата од ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка ќе можат да се реализираат преку јавни повици за проекти по потпишувањето на финансиската спогодба за користење на средствата од Европската Унија.