Јордан Костов, Кобалт код унит и Светлост, вечерва на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“
По синоќешната прва џез фестивалска вечер на „Крај Вардарот џез“, за која билетите беа онлајн распродадени со молскавична брзина, неколку денови пред почнувањето на фестивалот, вечерва, фестивалот почнува во 20 часот.
Синоќа во паркот на Младинскиот културен центар, под отворено небо, и под строги протоколи, предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот настапија четири македонски џез состави.
Ова е прв фестивал под отворено небо од областа на културата откако земјава е во здравствена криза.
Наедно, овој настан е одличен показател доколку сите се однесуваме совесно возможно е успешно реализирање на културни настани, кои нема да го загрозат нашето здравје, а фактот дека билетите се распродадени е само доказ дека на луѓето им е потребна уметност како оддишка и од физичката и од психолошката затвореност изминативе месеци.
Вечерва, во рамките на втората фестивалска и завршна вечер настапуваат:
Светскиот реномиран, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист Јордан Костов со неговиот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. Досега има издадено два албуми за ПМГ џез „Sanfona de grapa“ и „Plush pig“. Костов и припаѓа на генерацијата млади македонски уметници, кои имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормалната творечка комуникација со глобалниот свет. Извонреден композитор и наобразуван инструменталист на хармоника, од родното Квадарци досега го има свртено целиот свет со своите настапи. Неговата номадска кариера вбројува најмногу настапи низ Јапонија и Кина. Неговите досегашни соработки не вклучуваат само музичари од тој дел на светот, туку и Американци, Германци, Индијанци и при тоа за него основен услов е да се чувствува слободата на мислата и изведбата.
По него настапува џез триото „Cobalt code unit“, кое го сочинуваат музичарите Благојче Томевски (кларинет, перкусии, вокал), Благоја Глигоровски (гитара) и Драган Теодосиев (тапани). Поимот „уникатно“ е врзан за нивните изданија. Извонредно трио, кое произведува шамански импровизациски звуци длабоко вкоренети во ритуалната музика на истокот. Нивниот албум „Ритуал“ е издаден за ПМГ џез.
И за крај на првото издание на фестивалот, настапува скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“, луѓе кои со нивниот албум „Odron Ritual Orchestra“ издаден за ПМГЏЕЗ минатата година, успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ листи за најдобар џез албум за 2019 година. Ова придонесе за неверојатен успех во продажбата на нивниот албум на Band Camp (светски познат он лајн сервис за музички артисти и лејблови), што дефинитивно ги прави најпродаван македонски музички продукт во светот за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.
Фестивалот е во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ и е поддржан од Министерството за култура на Р.С.Македонија.
Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот. Задолжително е носење маска, столчињата се поставени на 2 метри растојание. Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување, се со цел да се заштитиме меѓусебе и наедно да покажеме пример дека настаните од културата можат да се одвиваат безбедно и во вакви услови.
Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.